ЕУ и Украина – цела Унија е заложник на една земја-членка


 

Министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ на денешниот состанок во Брисел ќе разговараат за последните случувања во војната во Украина. Состанокот е во сенка на тековниот спор во ЕУ околу забраната за увоз на руска нафта. Плановите за ова во моментов се на работ, бидејќи Унгарија не е подготвена да го поддржи проектот.

Будимпешта ова го оправдува со големата зависност од руската нафта и високите трошоци за префрлување на други добавувачи. Унгарија сака да се согласи на ембарго само ако добие милијарди помош од ЕУ или далекусежни исклучоци. Министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис затоа критикува: „Целата Унија е заложник на една земја членка“.

Дали и кога владите ќе се договорат се уште не може да се предвиди. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, пред почетокот на состанокот изјави дека не е сигурно дека може да се постигне договор денеска. „Даваме сѐ од себе да ја тргнеме блокадата“. Бидејќи има „прилично цврсти позиции“, тој не може да гарантира дека тоа ќе биде успешно во дискусиите.

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн претпоставува дека ќе биде потребно време пред да се воспостави новиот пакет санкции, вклучително и ембаргото за нафта. Неговиот австриски колега Александар Шаленберг е уверен дека може да се постигне договор во следните неколку дена и повикува на единство. Во јавноста не треба да се остави впечаток на несогласување. „Русија нѐ гледа“.