Есенцијални масла и ароматерапија

Веројатно сте чуле за терминот ароматерапија, кој означува користење ароматски билки со цел да се дојде до ментална и физичка благосостојба. Тие најчесто се користат со инхалација, во вид на купки или како масла што се користат за масажа како дел од алтернативната медицина, која веќе е прифатена гранка на конвенционалната медицина. Ароматерапијата, исто така, се нарекува и терапија со есенцијални масла, кои се сконцентрирана течност добиена најчесто преку дестилација на некои видови билки.

Есенцијалните масла се користат не само при ваквиот тип терапија, туку и при изготвувањето парфеми, во козметиката, во правењето на инсенс, за додавање вкус во храната и пијалаците, но и во некои производи за чистење. Медицинската употреба на есенцијалните масла има долга историја и, како што рековме, тие се добиваат преку дестилација, пресување или други видови екстракција на билките. Користени уште во дамнешните култури и цивилизации, откриваме дека дестилацијата се вршела во Кина, Египет и Индија уште од пред неколку илјада години наназад, со цел да се користи ароматерапијата како вид на лекување или дезинфекција од одреден вид болести. Палењето на некои видови билки ја стимулира сетилната перцепција и го прочистува просторот и денес во светот е проширена праксата на ароматерапијата и нејзината специфична употреба.

Потврдено е дека некои масла имаат антибактериски дејства, антивирусни, антифунгални и противвоспалителни својства, а познато е и тоа дека маслата дејствуваат анксиолитички, аналгетски, како и антидепресивно. На тој начин го доведуваат телото и духот во рамнотежа, ја регулираат дигестијата и го враќаат емоционалниот баланс. Некои видови масла смируваат, додека пак другите видови ја подобруваат циркулацијата и ја враќаат силата после долготрајните напори.

Како дејствува ароматерапијата?

Ароматерапијата дејствува преку чувството за мирис и со апсорпција преку кожата. Постојат продукти изготвени со есенцијални масла кои може да се користат како дифузери, инхалатори, купки, масла за тело или лосиони за масажа, фацијални маски од глина и ладни или топли компресии. Сите овие комбинации може да се користат одвоено или заедно. Некои од овие масла може да се најдат и во обичните супермаркети, но најчесто во аптеките или продавниците кои се специјализирани за ваквиот тип терапија. Со нив значително може да ја намалите болката, да го подобрите сонот преку намалувањето на стресот и анксиозноста, да ги третирате главоболките и мигрените, да ги отстраните страничните ефекти од хемотерапијата, да го зголемите имунитетот и сето тоа на природен начин.

Најчесто користени есенцијални масла

Есенцијално масло од лаванда

Секако, штом се спомне изразот ароматерапија, најверојатно веднаш ќе се сетите на маслото од лаванда и неговата повеќекратна примена. Сепак, овој вид масло најмногу се користи да се намали стресот и анксиозноста и на тој начин да се подобри сонот. Доволно е да ставите неколку гранки со цвет на лаванда во вашиот кревет и ќе почувствувате како полесно се опуштате и заспивате во длабок сон. Таа го намалува притисокот на природен начин, го забавува ритамот на срцето, а ја намалува и температурата на телото. Наутро ќе се разбудите освежени и опуштени, а особено ако претходно сте се масирале со овој тип масло. Маслото од лаванда ги третира и ПМС-симптомите, а ги намалува и главоболките и мигрената. Таа има и други намени и се користи да се полира мебелот и да се отстранат несаканите инсекти од вашиот дом, како молците, комарците и другите ситни бубачки.

Масло од жалфија

Жалфијата има силно антивирусни и антибактериски својства и е често користена билка во нашите краишта, но и пошироко во светот. Тоа е билка со која се зголемува психичката перцепција, а се користи да се намали притисокот на природен начин, да се третира анксиозноста и депресијата, како и да се подобри дишењето, поради намалувањето на слузот во дишните патишта. Кај жените кои минуваат низ менопаузата, помага во намалување на валунзите т.е. прекумерното потење и помага да се подобри меморијата кај повозрасните лица, како и фокусот на внимание.

Есенцијално масло од камилица

И оваа билка се користи од дамнина, а најмногу во козметичките препарати и за смирување на повеќе видови тешкотии. Имено, таа ја подобрува дигестијата и е особено важна ако сакате да ги смирите своите деца на природен начин. Овој тип есенцијално масло има антивоспалителни својства, го намалува стресот и инсомнијата, а помага и при воспалувањето на желудникот и генерално го смирува стомакот. Им помага на децата кои што ги вадат своите први запчиња. Може да се користи и при висок степен на анксиозност.

Пеперминт

Истражувањата покажуваат дека користењето на овој тип масло преку инхалација помага да се прочистат дишните патишта, да се зголеми будноста и да се подобри квалитетот на меморијата кај целата популација. Добро е да се знае дека ова есенцијално масло го намалува заморот и потребата за чоколадо и затоа не ретко е користено во разните видови на чоколада.

Есенцијално масло од рузмарин

Пред сè, добро е да знаете дека оваа билка е одлична да се зголемат когнитивните моќи, односно за подобрување на концентрацијата при менталната работа. Овој вид на масло освежува, ја зголемува енергијата, ја подобрува циркулацијата во телото и често пати се користи и како масло за масажа. На тој начин го зајакнува целото тело, а особено е добро за подобрување на работата на црниот дроб, срцето и, како што веќе рековме, мозокот.

Есенцијално масло од цимет

За циметот е познато дека природно го намалува шеќерот во крвта, ја подобрува работата на мозокот и поттикнува будност. Истражувањата покажуваат дека луѓето се чувствуваат побудни доколку вдишуваат ваков тип на есенцијално масло. Со зголемувањето на будноста и фокусот, природно се намалува и фрустрацијата.

Масло од еукалиптус

Општо е познато дека мирисот на Еукалиптусот помага при настинките, со тоа што го намалува слузењето во носот, но и во дишните патишта. Ова е билка која што има силна арома и затоа е добро да не се претерува, а најдобро е да се капнат една до две капки масло во течноста за инхалација. Оваа билка ја подобрува и концентрацијата, отстранува и некои видови на инсекти од домот, го прочистува воздухот преку своите антибактериски својства и помага при лекувањето на маларијата.

Есенцијално масло од портокал

Ваквиот вид масло се користи за намалување на анксиозноста, а се додава и како подобрувач на вкусот во одредени видови на храна. Потоа се користи во козметички својства, како освежувач на просториите или дезодоранс, а во ароматерапијата и како природен антидепресив. Го промовира лачењето на внатрешните жлезди и затоа помага при менструалните тегоби, лактацијата или лачењето на дигестивните сокови. Затоа ова масло го користиме кога сакаме да го намалиме дигестивниот стрес, да ја вратиме енергијата, потоа го користиме како антисептик, но и како афродизијак.

Масло од бергамот

Есенцијалното масло од бергамот најчесто се употребува при респираторните болести, како антисептик и стимуланс. На природен начин го намалува кротизолот во плунката, кој е познат како стрес-хормон. Го промовира доброто расположение, а помага и при одредени типови на кожни заболувања и ја реставрира енергијата во телото.

Со оваа кратка листа на есенцијални масла сакаме да ве поттикнеме и самите да истражувате и да откриете нови и алтернативни методи за лекување, одржување на здравјето на оптимално ниво, како и доброто расположение.

Ирена Танчева