Ердоган непопустлив: Турција ќе каже „не“ за Шведска и Финска во НАТО
Турскиот претседател им порача на дипломатите на двете нордиски земји да не доаѓаат во Анкара на разговори за да ги убедуваат – „Не треба да се мачат“
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го потврди противењето на Турција за членството на Финска и Шведска во НАТО, повторно обвинувајќи ги дека не зазеле јасен став против тероризмот.
„Нема да им кажеме ‘да’ на оние (земјите) кои применуваат санкции кон Турција за да се приклучат на безбедносната организација НАТО“, рече Ердоган во понеделникот.
Шведска ја прекина продажбата на оружје на Турција од 2019 година поради воената операција на Анкара во соседна Сирија.
Осврнувајќи се на намерите на шведската и финската делегација да се сретнат со турските претставници, Ердоган рече: „Тие велат дека ќе дојдат во Турција во понеделник. Дали ќе дојдат да нѐ убедат? Извинете нè, но тие не треба да се мачат“.
Двете нордиски земји официјално ја објавија својата намера да аплицираат за членство во НАТО по руската инвазија на Украина.
Но, Турција се закани дека ќе го блокира проширувањето на алијансата, обвинувајќи ги за засолниште на терористички групи, вклучувајќи ги и забранетите курдски милитанти, кои се на црната листа на Анкара, ЕУ и САД.
Секоја кандидатура за членство мора да биде едногласно одобрена од 30-те членки на НАТО.
„Ниту една од земјите нема јасен став против терористичките организации“, рече Ердоган.
Шведска и Финска не одговорија позитивно на 33 турски барања за екстрадиција во последните пет години, изјавија извори од Министерството за правда за официјалната новинска агенција Анадолија во понеделникот.
Агенцијата објави дека Турција бара лица кои биле или обвинети дека имаат врски со курдски милитанти или припаѓаат на движење кое е обвинето за обидот за соборување на Ердоган во 2016 година.
Турција го прекори Стокхолм особено затоа што покажа, како што вели, попустливост кон Курдистанската работничка партија (ПКК), која води крвав бунт против турската држава од 1984 година.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во неделата изрази уверување дека Шведска и Финска ќе се приклучат на НАТО и покрај изразената загриженост од Турција.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ќе се сретне со Блинкен во Вашингтон во среда, каде се очекува приговорите на Анкара да бидат високо на агендата. (АФП)