„Ер Србија“ ќе започне со тестирање на дигитален пасош од април
„Ер Србија“, во соработка со Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), ќе започне со тестирање на дигитален пасош (IATA Travel Pass) на почетокот на април, мобилна апликација која им помага на патниците лесно и безбедно да организираат патувања во согласност со барањата на земјите во однос на тестирањето за КОВИД-19 или вакцинацијата, објави компанијата.
„Ер Србија“ на тој начин ќе биде една од првите авиокомпании во Европа што ќе стане дел од глобалната иницијатива насочена кон повторно отворање граници без карантин, како и гарантирање на безбедно патување и обновување на туризмот и авионската индустрија, пишува Банкар.рс.
Првата фаза на тестирање на апликацијата ќе се одржи на летовите на Ер Србија меѓу Белград и Цирих, таа ќе трае неколку недели, а патниците ќе бидат поканети да учествуваат, беше објавено во соопштението.
Извршниот директор на „Ер Србија“, Данкан Неизмит оцени дека станува збор за извонредна иницијатива, која ќе им овозможи на патниците да ги исполнат сите потребни услови за влез во разни земји во светот.
Тој изјави дека „IATA Travel Pass“ ќе им овозможи на патниците да чуваат податоци поврзани со тестовите за КОВИД-19 и да управуваат со нив на своите мобилни телефони, како и да го споделуваат проверениот статус со авиокомпанијата на безбеден начин пред да пристигне на аеродромот.
„Дигиталниот пасош исто така ќе обезбеди ажурирани информации за здравствените регулативи на коронавирусот, помагајќи им на патниците да проверат дали ги исполнуваат најновите услови за влез во дестинацијата“, рече Неизмит.
Регионалниот потпретседател на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, Рафаел Шварцман, рече дека организацијата е горда што работи со „Ер Србија“ за да го направи дигиталниот пасош достапен на „стариот континент“.
Тој прецизираше дека како што се отвораат границите, „Патничкиот пасош ИАТА“ ќе биде дополнително подобрен со повеќе можности за исполнување на сите барања на владата, нагласувајќи дека патниците на „Ер Србија“ ќе бидат меѓу првите што ќе ги имаат на располагање овие услуги.
„Ер Србија“ објаснува дека нејзините патници ќе имаат можност лесно и едноставно да го креираат својот дигитален пасош.
По тестирањето или вакцинирањето, референтните лаборатории безбедно испраќаат заштитени податоци до апликацијата на поединецот, а IATA Travel Pass потоа ќе ги спореди потребните услови за патување со внесените податоци за патниците и сите што ги исполнуваат условите за посакуваната дестинација ќе добијат зелена ознака за патување, пишува Банкар.рс.