Емир Кустурица го интервјуираше Путин
Рускиот претседател Владимир Путин ги повика украинските војници да преминат на руска страна, велејќи дека, како што тврди, тоа е „вистинската страна на историјата“. Во разговор со режисерот Емир Кустурица за неговиот проект „Нашето крштевање. Патријархот“, тој зборуваше за војната во Украина, односите меѓу Русите и Украинците и улогата на западните земји во конфликтот.
„Што се однесува до украинските војници, не сакам да кажам дека треба да се предадат, бидејќи тоа звучи малку понижувачки. На крајот на краиштата, тие се борат, тие продолжуваат да се борат. Би сакал да им кажам да преминат на наша страна, бидејќи тоа е нашата заедничка страна – и вистинската страна на историјата“, рече Путин во разговорот со Кустурица, кој беше објавен на официјалната веб-страница на Кремљ.
Зборувајќи за војната во Украина, Путин го повтори тврдењето дека западните земји се обидуваат да ја ослабат Русија, оценувајќи дека тоа е продолжение на политиката „раздели па владеј“.
„Она што го гледаме денес е продолжување на истата политика на ‘раздели па владеј’ и обид да се ослаби потенцијалот на Русија, да се направи попослушна и на крајот, на еден или друг начин, да се стави во служба на своите интереси“, рече рускиот претседател.
Путин ги обвини земјите што ја поддржуваат Украина дека не дејствуваат во интерес на таа земја, туку дека се обидуваат да ги остварат своите цели.
Во исто време, тој ги повика Русите и Украинците да се стремат кон единство, наведувајќи дека тоа не мора да значи живеење во заедничка држава.
„Можеби не во рамките на една држава, тоа апсолутно не е она за што зборувам, туку единство во најширока смисла на зборот“, рече Путин.
Зборувајќи за тоа што може да биде одлучувачко за исходот од војната, Путин рече дека најважно денес не е брзината на ракетите, туку брзината на размислување.
„Воените експерти велат дека до неодамна техничките компоненти на современото оружје беа од клучно значење, но денес најважно е математичкото знаење, бидејќи темпото на промени во воено-техничката област е неверојатно. А победува оној кој размислува појасно и реагира побрзо на актуелните настани и предизвици“, рече претседателот на Русија.