Елена Младеновска Јеленковиќ и М6 добитници на престижното признание „Stvaratelji za stoljeća“ во Сплит
Во периодот од 26 до 28 март 2026 година, во Сплит, Република Хрватска, се одржа IX Регионален самит за претприемништво во Средна и Југоисточна Европа „300 Најдобри“, кој ги обедини водечките бизнис-лидери, компании и институции од регионот, со цел унапредување на претприемништвото како двигател на современиот економски и општествен развој.
На овој престижен настан, Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на М6 Едукативен центар, беше наградена со меѓународното признание „Stvaratelji za stoljeća“, за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на женското претприемништво во Централна и Југоисточна Европа за 2025 година.

„Модерното и неизвесно време бара од нас постојана промена и трансформација – и како индивидуи, и како компании, и како општество. Новото лидерство значи поголема потреба од луѓе со способност да се ислуша, да се разбере и да се изгради доверба на емпатичен начин. Она што порано се сметаше за ‘женска мека вештина’, денес станува највреден ресурс на современите компании“, изјави Младеновска Јеленковиќ и додаде:
„Се надевам дека ова признание ќе биде поттик за компаниите да ги градат своите лидери и да вложуваат повеќе во развојот на младите луѓе, како во Македонија така и во регионот, со цел создавање иновативна, одржлива и инклузивна економија.“
Ова признание, кое се доделува повеќе од две децении, им се доделува на лидери и организации кои оставаат значаен и траен печат во унапредувањето на претприемништвото, деловните системи и општествениот развој во регионот.
Наградата претставува признание за континуираниот ангажман и влијание на М6 Едукативниот центар во:
- развојот на човечкиот капитал и лидерските капацитети,
- поддршката на жени претприемачи,
- градењето на конкурентни и одржливи бизниси,
- како и имплементацијата на бројни едукативни и развојни проекти во изминатите години.
Во рамки на своето работење, М6 Едукативниот центар, под водство на Младеновска Јеленковиќ, реализираше значаен број иницијативи насочени кон млади, компании и институции, создавајќи платформа за трансфер на знаење, иновации и современи деловни практики.

М6 Едукативниот центар денес се позиционира како водечки регионален хаб за едукација, лидерство и претприемништво, кој преку креирање политики и поттикнување дијалог меѓу клучните општествени чинители активно ги поврзува знаењето, бизнисот и иновациите, создавајќи одржлива вредност за поединци, компании и институции. Ова признание претставува силна потврда за континуираното влијание и посветеност на М6 во развој на одржливи модели, унапредување на лидерството и отворање нови перспективи за раст на бизнисите и човечкиот капитал во регионот.