Електронско здравствено досие за секој пациент – сите ќе треба да се усогласат
Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите во иднина ќе се водат во дигитална форма, додека хартиената документација ќе се користи само во исклучителни случаи, како привремено решение при евентуален прекин на системот. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за евиденциите од областа на здравството, кои денеска на прес-конференција ги претстави министерот за здравство Азир Алиу, истакнувајќи дека со нив се прави значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.
Тој посочи дека една од најважните новини е воведувањето на Електронско здравствено досие за секој пациент, кое ќе биде централизирана база на сите здравствени податоци – од лекарски прегледи и резултати, до упати, рецепти и телемедицински услуги.
Со новите законски решенија, како што нагласи министерот, значително ќе се подобри и пристапот на граѓаните до сопственото здравствено досие преку електронски портал или мобилна апликација. Притоа се утврдуваат јасни правила за пристап до податоците на малолетни лица, како и можност граѓаните да овластат друго лице да има увид во нивното досие.
– Нашата цел е здравствените податоци да се водат модерно, безбедно и поврзано, со што ќе се подобри и квалитетот на здравствените услуги за пациентите. Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“ – појасни Алиу.
Законот предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи. Тоа значи дека јавните и приватните здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем, преку воведување сертифицирање на информатичките решенија и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.
– Дополнително, за првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи. Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец – истакна Алиу.
Со измените се предвидува и централизација и интеграција на здравствените регистри во рамки на Националниот систем, како и зајакнување на безбедносните стандарди. Здравствените установи ќе имаат обврска да воспостават системи за управување со информациска безбедност и да пријавуваат евентуални безбедносни инциденти.
– Предложените законски измени се делумно усогласени со најновите европски регулативи во областа на дигиталното здравство, вклучително и Регулативата за Европскиот простор за здравствени податоци. Со овој закон се поставуваат темелите за модерен, сигурен и интероперабилен систем за управување со здравствените податоци, кој ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги, поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните, следејќи ги трендовите во оваа област – посочи Алиу.
Тој додаде дека се во финална фаза и измените на 12 закони од областа на здравството. Како што се финализираат, тие се објавуваат на ЕНЕР, каде веќе се поставени законите за здравствена заштита, за заштита од пушењето и за здравствено осигурување, а новини се подготвуваат и во Законот за заштита на населението од заразни болести во рамки на процесот на дигитализација.