Експропријацијата на Гостивар – Букојчани: Николоски вели 90 отсто е завршена, надзорот наведува 53 отсто
На делницата Гостивар - Букојачи има најмал напредок на експропријацијата. Рокот за завршувањето на автопатиштата е продолжен до 2029
Продолжени рокови за завршување на проектот, контрадикторни информации за досега завршената експропријација, промена на трасата… ова се дел од информациите за реализирање на мега проектот за изградба на дел од четирите делници на коридорите 8 и 10д, кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, а кои се финансираат со средства од Буџетот. Некои од информациите се провлекуваат „под радарот“, а други се земаат „здраво за готово“, иако официјалните извештаи кои се објавуваат не кореспондираат со изјавеното од страна на владините претставници.
Така на пример, потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, викендов се пофали дека експропријацијата на автопатската делница од Гостивар до Букојчани е завршена речиси целосно, односно 90 отсто. Само два-три дена подоцна, објавениот извештај од направениот надзор врз четирите делници, а кој е објавен на интернет страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, покажува сосема друг податок, дека експропријацијата на секцијата 2 (делницата Гостовар – Букојчани) е завршена со многу помал процент, односно само 53 отсто.
„Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 отсто од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата“, рече изминатиот викенд Николоски при посета на градилиштето на трасата од Гостивар до Букојчани, заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

Податокот од надзорот се однесува на периодот од 1 декември до 31 декември 2025 година, додека изјавата на вицепремиерот беше дадена речиси два месеци пдоцна, на 21 овој месец, но сепак, тешко е да се поверува дека во овој период експропријацијата се одвивала со такво темпо што речиси била дуплирана.
Николоски, инаку, и во други прилики се обидува работите да ги прикаже во порозово светло од оние што навистина се, па на пример во неколку наврати има изјавено дека во делот на авиосообраќајот нашето главно воздухопловно пристаниште е лидер во регионот, иако во реалноста е далеку од подемот и развојот на аеродромот во Тирана, на пример.
Дали и во овој случај станува збор за „мало“ дотерување на вистинските податоци, или за свесно манипулирање со бројките, останува нејасно.
Во извештајот за надзорот, се потенцира дека експропријацијата е од суштинско значење за автопатските проекти, бидејќи е првиот проект кој е потребен за започнување на активностите за проектирање на автопатот.
„Проектот за експропријација се подготвува како дел од Урбанистичкиот проект за објекти од стратешки интерес. Проектот за експропријација е одговорност на Инвеститорот, за што се ангажирани специјализирани изведувачи“, се вели во извештајот, при што се наведува и дека вкупниот опфат на проектот за експропријација е зголемен, односно дека „заедно со процесите на развој на проектирањето, во проекти за експропријација се појавија дополнителни барања“.
Исто така се забележува и дека ова не е напредок на самата експропријација, односно дека проектирањето на експропријација е чекор кој е потребен пред започнување на формалниот процес на експропријација.
Во прикажаните графикони е претставен напредокот на проектот за експропријацијата во согласност со границите на Урбанистичкиот проект кои биле одобрени до крајот на минатата година, а од нив произлегува дека експропријацијата на секцијата 2 односно делницата Гостивар – Букојчани била релаизирана со 53 проценти.
Но, ова не е единствената дилема која што произлезе од посетата на владината делегација на градилиштето во планиите меѓу Гостивар и Букојчани.
Во изјвата која ја даде Николоски, како краен рок за завршување на оваа делница се споменува крајот на 2029 година, односно се пролонгира за две години.

„Пред нас има уште реализација и некаде на крајот на 2029 година ќе може да го возиме овој автопат“, изјави Николоски. На новинарска забелешка дека рокот првично бил 2027 година Николоски рече дека тоа било рок во договорот кој што го потпишала претходната влада.
„Имајќи предвид дека претходната влада освен што потпиша договор и исплати аванс од 240 милиони евра, камен немаше ставено. Се сеќавате дека градежните работи и на овој автопат и на автопатот Тетово – Гостивар и на автопатот Прилеп – Битола се случија во време на оваа влада. Логично е тие две години кои што беа изгубени со претходната влада, рамно две години беа изгубени, да се надоместат затоа што изведувачот не беше во можност да работи и затоа рокот е 2029 година, и нема да има отстапки од тој рок“, изјави Николоски.
Николоски не појасни, а не беше ни прашан, дали за ова пролонгирање државата ќе плаќа пенали кон „Бехтел и Енка“, кои се одлично заштитени во потпишаните договори токму за вакви ситуации.
Инаку, во извештајот на надзорот се наведува дека договорот за изградба е потпишан на 8 март 2023, четиринасет месеци пред парламентарните избори. А тоа не се две години, како што тврди Николоски.
Во едно интервју на Николоски од април 2023 година за Сител, самиот тој вели дека (тогашната) влада се согласила на огромни пенали кон „Бехтел и Енка“.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ‘Бехтел’ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1.265.000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900.000 евра секој месец“, изјави тогаш Николоски.
Оваа забелешка се однесуваше на обезбедувањето поголема (60 часовна) работна недела, но во дискусиите во Собранието во време на усвојување на законските измени се спомнуваа и други ситуации.
Подоцна, од тогашната влада предводена од СДСМ велеа дека немало платено пенали кон „Бехтел и Енка“.
Конечно, една од работите која што помина „под радарот“ е одлуката за промена на трасата по која ќе оди овој автопат, што исто така се споменува во извешјаот за надзорот.
„Заклучно со 08.07.2025 година, во Извадокот од Нацрт-записникот од Деведесеттата седница на Владата на Република Северна Македонија бр.50–6718/4, Инвеститорот донесе конечна одлука во врска со трасата на автопатот во Делница 2, потврдувајќи ја планинската варијанта на трасата предложена од страна на Проектантот. Во согласност со одлуката на Инвеститорот, процентот на завршеност на тековните работи во Делница 2 беше ревидиран“, стои во извештајот за надзорот.
Во записникот од 90-та седница на Владата, пак, се вели дека Владата ја разгледала Информацијата во врска со задолжението од 73. седница „за компаративната анализа за трите варијантни решенија за изведба на Делница 2: Гостивар – Букојчани, со прилози, ја усвои и му укажа на Јавното претпријатие за државни патишта преку договорните механизми, во соработка со изведувачот ‘Бехтел и Енка“ да изработи проектна документација за финансиски, економски и временски поисплатливата планинска варијанта и да се започне со градба на истата“.
Во записникот од 73. владина седница, пак, одржана на 13 мај 2025 година, се наведува дека биле разгледани опции за изнаоѓање на оптимално решение за избор на варијанта за изведба на Делница 2, при што биле донесени и неколку заклучоци, меѓу кои и ЈПДП „по направената техничко-економска анализа, да достави до Владата информација со компаративна анализа за трите анализирани варијантни решенија за изведба на Делница 2: Гостивар – Букојчани“.
Инаку, според првичниот проект, односно одлуката што ја изгласа претходната влада, се предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од 5 километри на автопатот Гостивар – Букојчани.
ДУИ своевремено реагираше на откажување на тунелот, велејќи дека дека ваквата одлука (со тунел) била донесена по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобрата варијанта за изградба на оваа патна оска, која е побрза и побезбедна за развој на сообраќајот, а воедно и поекономична за одржување.
„Со оваа одлука се решаваат проблемите при изградбата на овој дел од автопатот бидејќи во спротивно ќе има проблеми кои би го продолжиле времето и трошоците за изградба, проблеми кои се евидентни во реализацијата на проектите започнати во изминатиот период“, изјавија од ДУИ во средината на 2024 година, посочувајќи дека откажувањето од тунелот е чекор назад во напорите за подобрување на инфраструктурата и зајакнување на стратешката позиција на нашата земја во регионот.