Експресниот пат Градско-Прилеп сега го гради „Синохидро“


Кинеската компанија „Синохидро“, како нов изведувач на експресниот пат Градско–Прилеп, работи со голема динамика и се очекува овој патен правец да биде пуштен во сообраќај во јули 2023. Изјавувајќи дека се надминати сите проблеми со изградбата, министерот за транспорт, Благој Бочварски, денеска од трасата рече дека досега се изградени по 35 отсто од двете делници Градско–Дреново и Дреново–Фариш, а очекува патот во вредност од 64 милиона евра да биде готов и порано од јули 2023.

„На втората делница од Дреново до Фаришката клисура бележиме засилени градежни работи за доизградба на овој патен правец. Во соработка со ЈП за државни патишта успеавме да ги надминеме сите проблеми и сега имаме чиста траса на која во наредниот период очекуваме да има силна градежна активност. Вредноста за изградба на оваа делница е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти а сега новиот изведувач компанијата ‘Синохидро’ има обврска да го доизгради преостанатиот дел“, изјави Бочварски.

Активно се работи на подготовка на тендерската  документација и за третата делница од селото Беловодица до каменоломот Маврово и проширувањето со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка Река до влезот на Прилеп. Бочварски очекува до крај на годинава да се распише јавен повик за изградба. Во меѓувреме ќе се рехабилитира третата лента на Плетвар

Дирекоторот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми нагласува дека овој пат е еден од најзначајните патни правци во државава, каде што дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории. Интензивни се активностите на делницата Дреново-Фариш.

„Во моментов се изведуваат подготвителни работи, односно пристапни патишта,  механичарски и армирачки работилници и технички постројки. Ширина на делницата Дреново-Фариш е променлива. Пет километри се со асфалтна платформа од 12,4 метри што одговараа на експресен пат, а преостанатите повеќе од 5 километри се со платформа од 17 метри што одговара на автопат со намалена ширина“, рече директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.

На само десет километри во овој појас се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт.

Изградбата на првата делница Градско–Дреново ја презема компанија „Штрабаг“, која интензивно работи.