Експлозија во џамија за време на молитва во Пакистан, четворица загинати
Најмалку четири лица загинаа денеска, а 20 се повредени во силна експлозија која одекна за време на молитва во џамија во близина на градот Кета, во југозападниот дел на Пакистан.
Шефот на локалната полиција, Абдул Али изјави дека бомбата најверојатно била подметната во џамијата и активирана со далечински управувач. Жртвите биле веднаш пренесени во болниците во Кета. Полицијата стравува дека бројот на загинатите ќе се зголеми.
Во експлозијата загинал и имамот на џамијата. Друг полициски претставник, пак, тврди дека бомбата била поставена под дрвена столица во џамијата, која ја користел имамот.
Засега никој нема преземено одговорност за нападот, но медиумите потсетуваат дека за претходните слични напади во провинцијата Белучистан биле обвинувани пакистанските екстремисти.