Експертите бараат поголем буџет за обвинителите
Собраниската Комисија за политички системи организираше јавна расправа за новиот предлог-закон за Јавното обвинителство, на која експерти од правната област ги кажаа забелешките околу решението. На почетокот, членовите од работната група што го составуваше законот рекоа дека тој е дел од реформската агенда и дека во него се вметнати сугестиите на Венецијанската комисија и од оценската мисија на ЕК. Во однос на прашањето што се отвори во јавноста – државниот обвинител да се избира со квалификувано мнозинство во Собранието, од групата што работеше на законското решение велат дека треба да се предвиди тоа во Уставот. Истакнаа дека со новиот закон разрешување на републичкиот обвинител може да иницира и Советот на јавни обвинители, а тој на седница јавно да ги каже своите контрааргументи.
Меѓу правните говорници беше поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева, според која не треба да се брза со законот и треба добро да се осмисли. Ја кажа потребата од поголем буџет за обвинителствата и за дигитализација.
– На обвинителите треба да им се обезбедат услови за работа, треба да имаат достапност до сите бази на податоци, да не испраќаат уште барања по писмен пат. Според ова законско решение, ние како држава немаме намера да направиме современо ЈО, туку се држиме за она што го знаеме – кажа Тасева.Според неа, не е доволна само биографијата на новиот државен обвинител туку и да се провери неговиот интегритет.
Претставникот од адвокатската фела, адвокатот Јасмин Калач, како позитивна забелешка го истакна рокот од 6 до 9 месеци во кој ќе траат дисциплинските постапки за јавен обвинител за кои е поднесена претставка до Советот.
– Дисциплинските постапки траеја со години и дел од нив завршуваа со оставки на обвинителот, што значи тивка амнестија за тоа што го сториле. Решението за рок од 6 до 9 месеци е доволен, а оставката нема да ја запре постапката во Советот на јавни обвинители. Вонредните механизми за проверка на работата на обвинителите се, исто така, позитивни, но сметам дека треба да се зацврстат критериумите, да не дојде до ситуација на реваншизам – смета Калач.
Неговата критика, исто како и на другите експерти, се однесуваше на кусиот буџет, кој не може да обезбеди цврста истрага.
– Еве, само како пример ќе споделам, јас сум адвокат во случајот „Пулс“, само вештачењето и обдукциите чинат половина милион евра, па кога ќе споредиме со буџетот од 0,4 %, тоа е навистина многу малку – кажа овој адвокат на јавната расправа за законот за ЈО.
Детална реформа на дисциплинските постапки, јасни гаранции за самостојноста на јавните обвинители, зголемување на институционалните капацитети и поголема транспарентност при изборот на државниот јавен обвинител се клучните точки во новиот Предлог‑закон за јавно обвинителство што универзитетската професорка Александра Деановска – Трендафилова, која беше дел од работната група за изработка на законот, ги истакна на денешната јавна расправа во Собранието. Според неа, првичната задача била детална разработка на дисциплинските постапки, согласно препораките на ГРЕКО.
– Се случуваше дисциплинска постапка против јавен обвинител да трае со години и да виси како Дамоклов меч врз него, без рокови, без евиденција, без бришење на осуди, истакна професорката.
Професорката истакна дека работната група се движела во рамките на уставните ограничувања а едно од нив е и потребното мнозинство за носење на законот, но настојувала да ја зголеми транспарентноста.Таа го нагласи и значењето на улогата на Советот на јавни обвинители.
„Советот е сериозен филтер, ако не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не смее да предложи ниту еден од нив“, појасни Деановска Трендафилова.
Според неа, во делот на разрешувањето, работната група ги следела препораките на Венецијанската комисија, а во однос на одговорноста на државниот обвинител објасни дека таа мора да биде поврзана со неговите надлежности.
Правните експерти сметаат дека новиот предлог е добра основа, но треба да се преработи со амандмани. Предлогот помина на прво читање пред народните избраници.