Екс-премиерот Љупчо Георгиевски го славеше Ванчо Михајлов на судењето во Битола
Георгиевски на судењето на неговиот имењак од клубот „Ванчо Михајлов“ рече: „Јас се доживувам како ванчомихајловист. Ванчо Михајлов никогаш не кажа дека е фашист“

БИТОЛА – И екс-премиерот Љупчо Георгиевски е горд ванчомихајловист и дојде во Основниот суд во Битола да сведочи во одбрана на, како што рече, имењакот Љупчо Горгиевски во судскиот процес покренат за спорните Фејсбук статусите на сега згаснатиот битолски клуб „Ванчо Михајлов“.
„Етикета е дека Иван Михајлов е фашист, таа етикета е залепена од Бугарската комунистичка партија и преземена од македонските комунисти. Тогаш било лесно да се декларираш како фашист, но Иван никогаш за себе не кажал дека е фашист… Јас се доживувам како ванчомихајловист и сум единствен премиер после 1945 година кој им ги врати имотите на Евреите во Македонија“, рече Георгиевски пред судот во Битола, велејќи дека „посебно ме заболе идејата на Иван Михајлов да му се прилепи антиеврејска политика“. Па, наброја неколку примери за спасување на Евреите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Куртев како близок соработник на Михајлов.
Судењето против битолчанецот Љупчо Георгиевски го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Обвинението го застапува обвинителката Оливера Нечаковска.
На денешното судење единствено се сослуша сведокот на одбраната, поранешниот премиер на владата на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски, но во судот како поддршка за обвинетиот Љупчо дојде и актуелниот бугарски амбасадор во нашата држава Жељаско Радуков, кој за цело време на судењето беше пред судот во Битола. Внатре во судницата имаше околу двесетина поддржувачи на обвинетиот. Процесот го следеше генералниот конзул на бугарскиот конзулат во Битола, Никола Димитров, кој за прв пат дојде на судењето, секретарот на конзулатот Илијан Крстев, членови на новото бугарско здружение „Балкански мост“, како и приврзаници на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Завршните зборови ги слушаа и новинари од бугарски национални медиуми.
Бугарските дипломати и другите поддржувачи на обвинетиот во судницата со аплауз реагираа кога сведокот Георгиевски запрашан од обвинителството дали е можно некој да сторил кривично дело, а да не му било судено, одговори политички: „Теоретски е можно. Пример за тоа е Тито“. Сведокот зборуваше дека Иван Михајлов бил суден во Бугарија и таму има пресуда за него, а не во Македонија.
Екс-премиерот Георгиевски рече дека за клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола чул од медиумите, а за обвинетиот дека прв пат го запознал денес на судењето, а ниту знаел дека е член на ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот премиер пројавил интерес да сведочи во овој процес откако сфатил дека процесот не е лично против обвинетиот Љупчо, туку против историската личност Иван Михајлов.
Поранешниот премиер рече дека завршил светска и компаративна книжевност, дека не е историчар, но дека многу се посветил на македонската историја.

„Иван Михајлов и Тодор Александров се лидери на идејата за самостојна и независна Македонија меѓу двете светски војни. Македонскиот патриотизам во времето на Комунистичката партија на Југославија за независна Македонија го гледам во името на Иван Михајлов. Деведесет проценти од луѓето кои се бореа за независна Македонија беа класифицирани како ванчомихајловисти. Не знам зошто се прави табу од оваа тема“, рече сведокот.
Поранешниот премиер во своето долго излагање пред судот зборуваше за голема српската пропаганда, за славењето на Александар Караѓорѓевиќ, иако бил монархофашист, па ги смеша и Хитлер и Трамп, а кажа дека Иван Михајлов разговарал и со комунистичките лидери Михајло Апостолски и Ченто за формирање на самостојна држава, но ја одбил идејата под изговор дека ќе предизвикала граѓанска војна. Тој рече дека во Србија е рехабилитиран четничкиот водач Драгољуб Михајловиќ – Дража, а за Иван Михајлов нема потврда за злосторства после 1934 година кога се пасивизира по забраната на ВМРО од страна на бугарската држава.
Сведокот беше запрашан од адвокатот Насер Рауфи какво чувство побудило кај него отворањето на клубот во Битола.
На ова реагираше обвинителката Нечаковска со забелешка дека овој судски процес не е заради отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, туку заради дејствијата на претседателот на клубот Љупчо Ѓоргиевски и неговите активности како администратор на Фејсбук страната на клубот.
Судијата Цветанка Никодиновски го дозволи прашањето.
„Многу позитивно чувство предизвикува отворањето на клубот во Битола. Храбар чин. Со ова треба да се гордее Македонија“, рече поранешниот премиер и подоцна кажа дека Иван Михајлов „без сомнение бил контроверзна личност и за неговата улога можат да дискутираат историчари и граѓани во едно демократско општество.“
Обвинителката Оливера Нечаковска често приговараше на „историското“ сведочење на екс-премиерот прашувајќи дали коментира во поетска или лексичка форма. Накрај рече дека иако одбраната од „петни жили“ се трудеше предметната постапка да ја прикаже како некаков државен обид да се спречи обвинетиот слободно да ја изразува својата национална припадност, од доказите изведени во текот на главната расправа се покажа сосема спротивното, дека треба да биде осуден.
„Целта на оваа постапка е да се санкционира обвинетиот кој под превезот на наводна слобода на говор и изразување всушност како претседател на здружението КЦ ‘Иван Михајлов’ Битола и како администратор на веб-страницата на овој културен клуб на ФБ активно поттикнувал и разгорувал омраза и нетрпеливост спрема припадниците на еврејската заедница во Македонија, а особено спрема припадниците на македонскиот народ, чија што посебност континуирано ја негирал преку објавите на текстови со таква содржина на ФБ на КЦ“, рече Нечаковска.
Таа потенцираше: „Да се разбереме, во Македонија се гарантира слободата на изразување на национална припадност и слободно живеат припадници на многу националности, но Македонија е матична држава на македонскиот народ и секој обид јавно преку социјални медиуми да се негира таа посебност на македонскиот народ и македонскиот јазик е јасен обид да поттикне омраза, раздор и нетрпеливост врз национална основа, кој обид мора да биде препознаен и соодветно санкциониран…“, побара обвинителката.
Адвокатот Насер Рауфи кажа дека е оптимист дека за неговиот клиент ќе има ослободителна пресуда. Кажа дека не било намерно тоа што отворањето на клубот на 16 април 2022 година се поклопило со празникот на Евреите – Пасха, и ги негираше сведоците на ОЈО Битола дека имаат кредибилност за овој процес. Се повика на праксата на Европскиот суд за човекови права. По завршувањето на расправата обвинетиот Љупчо Георгиевски кажа дека не верува во ослободителна пресуда за него.
Судијата Цветанка Никодиновска рече дека пресудата ќе ја донесе за 8 дена.