Економијата на САД се зголеми 6,5 отсто во вториот квартал, под очекувањата на аналитичарите


Американската економија забележа раст од 6,5 проценти на годишно ниво во вториот квартал од 2021 година, објави денеска Министерството за трговија.

Тоа е мало забрзување на растот на бруто домашниот производ на САД во однос на 6,3 проценти во првиот квартал, но стапката е значително под прогнозата на аналитичарите, кои предвидуваа во просек експанзија од 8,4 проценти во анкетата на Дау Џонс , пренесува CNBC.

Падот на бруто домашните инвестиции за 3,5 проценти имаше негативен ефект врз растот на БДП, како резултат на намалувањето на залихите во приватниот сектор и вложувањата во домување. Растот на увозот и 5,0 проценти пад на стапката на трошење на федералната влада, и покрај растечкиот буџетски дефицит, исто така, има негативно влијание врз БДП, се вели во извештајот на Бирото за економски анализи.

Економскиот раст беше генериран претежно од скокот на личната потрошувачка на граѓаните од дури 11,8 проценти, а потрошувачката на домаќинствата претставува 69 проценти од вкупната економија на САД. Нерезиденцијалните фиксни вложувања, извозот и трошоците на владата и локалната самоуправа исто така го поддржаа растот на БДП.

Стапката на штедење на населението, од друга страна, нагло опадна на 1,97 билиони долари во периодот април-јуни, од 4,1 билиони долари во претходниот квартал.

Американската економија забележа најголем пад досега од 31,4 проценти во второто тримесечје од 2020 година, кога беше воведено заклучувањето поради пандемијата на ковид, и во следниот квартал, по олеснување на рестриктивните мерки, закрепна со стапка од 33,4 проценти и оттогаш продолжува да се движи нагоре.

„Добрата вест е дека економијата сега ги надмина нивоата пред пандемијата“, напиша Пол Ешворт, главен американски економист во Капитал Економикс.

Тој, сепак, предупредува дека со исчезнувањето на фискалните стимулативни ефекти, зголемените цени што ја еродираат куповната моќ, делта сојот на ковид што пламна на југ и пониската стапка на заштеда од очекуваната, тој очекува растот на БДП да забави до 3,5 проценти на годишна основа во втората половина на 2021 година.

Некои делови од економијата се уште се во лоша сосотојба, особено пазарот на трудот, кој се бори да се врати во нормала.

Според одделните податоци, објавени денеска од Министерството за труд, минатата недела 400.000 Американци поднеле барање за бенефиции за невработеност за прв пат, што е скоро двојно повеќе од вообичаеното ниво пред пандемијата.

Бројот на новорегистрирани невработени кои, во неделата што заврши на 24 јули, побараа државна помош, беше малку намален во споредба со една недела претходно кога се пријавија 424.000 граѓани.

Вкупниот број Американци кои примаат ваков вид надомест од државата е 13,16 милиони, според податоците до 10 јули, пренесува CNBC.