„Еко-свест“: Бернската конвенција со нови препораки за заштитените подрачја


Фото: Независен

Комитетот на Бернската конвенција, на овогодишното собрание, усвои нови препораки кои се однесуваат за Националниот парк Маврово, мрежата на Емералд подрачја, Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, а се препорачува откажување на сите одобрени и планирани хидроцентрали во заштитените подрачја во Република Северна Македонија, соопштија од Центарот за истражување и информирање за животната средна „Еко-свест“.

Изградбата на хидроцентрали во Маврово е предмет на вниманието на Бернската Конвенција за заштита на дивиот свет и живеалишта од европско значење од 2013 година кога Еко-свест поднесе жалба, стравувајќи дека изградбата на овие хидро-проекти ќе го уништи паркот.

Од Еко-свест“ потстеуават дека случајот за Маврово секоја година е на дневниот ред на Комитетот на конвенцијата почнувајќи од 2014 година кога се усвои и првата препорака за нашата земја-стопирање на сите хидро проекти сѐ додека не се изготви Стратегиска оцена на нивното влијание со проценка на кумулативното влијание. Од тогаш, стои во соопштението, нашата Влада одлучи да ги суспендира контроверзните проекти Бошков мост и Луково поле, но продолжи со одобрување на концесии за изградба на мали хидроелектрани. Воедно, Националниот парк Маврово спротивно на домашните закони, сѐ уште не е прогласен за национален парк и нема законска рамка во која треба да се управува.

Поради недостиг од суштински прогрес, наведуават од Еко-свест, минатата година Комитетот одлучи да испрати експертска мисија и ги испита состојбите не само со Маврово, туку и со Охрид и Галичица, како и со целата мрежа на заштитени подрачја кои се под закрила на оваа Конвенција.

– Како резултат на експертската мисија и извештај, беа дефинирани серија на препораки кои се однесуваат на многу различни аспекти од областа на заштитата на природата, па така, освен препораката за откажување на сите одобрени и планирани хидроелектрани во државата, препораки има за правилната примена на европската рамковна директива за води, државно финансирање на заштитените подрачја,
усвојување на план за заштита на Балканскиот рис, забрзување на постапката за ре-прогласување на Маврово и зајакнување на стандардите во оценката на влијанијата на инфраструктурните проекти врз животната средина. Сите овие препораки се клучни и соодветни, всушност, за овие проблеми многупати сме реагирале и до институциите и во јавноста. Сега, откако се врамени во препорака од Бернската Конвенција сметаме дека Владата ќе мора да ги прифати како приоритети и да го насочи вниманието кон
нив, вели во пишана изјава Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, подносител на жалбата за Маврово.

Новата препораката се однесува на оние проекти, кои добиле концесии но сѐ уште не се изградиле, што, наведуваат од „Еко-свест“, значи дека се очекува Владата да ги раскине договорите во тие случаи.

-Препораките од Бернската Конвенција се од политичко значење за државите-потписнички и даваат насоки за делување. Неопходно е државите да одговорат на препораките со промени во своите политики, закони и пракси со цел да ги исполнат истите. Во случајот со Маврово, но и со неконтролирана изградба на мали хидроцентрали на речните текови, оваа препорака дава јасен сигнал дека досегашната пракса на доделување концесии за мали хидроцентрали во заштитени подрачја мора да се напушти, порачуваат од „Еко-свест“ во соопштението.