Еко организации ѝ дадоа краен рок на Владата да ги поништи концесиите за „Иловица-Штука“


Здружените еколошки организации и иницијативи, откако во јуни упатија барање до Владата да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, сега ѝ дадоа рок да го стори тоа до 29 септември, а во спротивно, како што велат, ќе ги искористат загарантирани уставни права за самозаштита.

„Разумниот рок за поништување на концесиите за рудникот ‘Иловица-Штука’ кој добронанерно го поставивме за Владата истекува овој септември. По меѓусебни консултации, утврдивме дека 29 септември, вторник, ден кога Владата редовно заседава, е крајниот рок за конечно елиминирање на овој проблем, кој премногу долго го оптоварува општеството, вклучително и со коруптивни дејства“, соопштуваат екоорганизациите.

Доколку Владата во овој рок не ги поништи концесиите за рудникот на компанијата „Еуромакс Рисорсис“, екоорганизациите ќе сметаат дека застанала против интересите својот народ и, како што велат, „тајно ја жртвувала Струмичката котлина, за сметка на промафијашка меѓународна групација со домашни извршители“.

„По истекот на рокот, во случај на неисполнувањето на нашето барање, за што постои силен граѓански консензус во тек на десет години организиран отпор, ќе ги искористиме нашите загарантирани уставни права за самозаштита, за што граѓаните не само од струмичко ќе бидат соодветно известени. Не прифаќаме повеќе апсолутно никакви одложувања, манипулации, префрлање на одговорност, политикантски игри, двосмислености и лаги. Не повеќе. Рудникот на смртта мора конечно да биде спречен“, стои во јавното барање на здружените организации.

На барањето се потпишани „Еко-долина“ и „Ја штитам Беласица“ од Ново Село, „Здрава котлина“ и „Спас за Струмичка котлина“ од Струмица, „Зелена народна стража“ од Скопје,„Младите на Штука и Иловица“ од Босилово, „Спас за Гевгелија“ и „Changemakers 4 All“ од Гевгелија и „Спас за прилеп“ од Прилеп.

Пред два месеца Вишиот управен суд ја врати концесијата за „Иловица“, а од Владата рекоа дека станува збор за конечна судска одлука која се должни да ја почитуваат.

„Наш приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи“, посочија од Владата, дополнувајќи дека секое понатамошно постапување во однос на овој предмет „ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста“.