ЕК предлага намалување на квотите за увоз на челик од трети земји во ЕУ

Европската комисија презентираше предлог за заштита на челичната индустрија во ЕУ од влијанијата на прекумерното глобално производство на челик, со цел да се обезбеди долгорочна одржливост на овој стратешки клучен сектор.
Со новите мерки, предложени врз основа на Акцискиот план на ЕУ за челик и метал, се предвидува ограничување на обемот на увоз на челик во ЕУ без царина на ниво од 18,3 милиони тони годишно, што претставува 47 отсто во споредба со квотите од 2024 година, зголемување на царината за увоз над квотата од сегашните 25 на 50 проценти и зајакната контрола на пазарите на челик со цел спречување на заобиколувањето на овие мерки.
Еврокомисијата посочува дека предложените мерки се целосно усогласени со Светската трговска организација (СТО), како и дека царинските квоти или давачки нема да важат само за Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Во однос на Украина, пак, ЕК посочува дека при одлучувањето околу квотите мора да се има предвид и исклучителната безбедносна ситуација во земјата, но при тоа и да се води сметка за поткопување на ефикасноста на мерките.
Предлог-мерките, кои ќе треба да го заменат актуелниот механизам за заштита на челикот што истекува во јуни 2026 година, се подготвени врз основа на консултации со претставници на работниците, челичната индустрија, неколку земји членки, европратеници и други засегнати страни. Целта на консултациите е трајна заштита на челичната индустрија на ЕУ, зачувување на работните места во неа и поддршка на нејзините напори за декарбонизација.
– Презаситеноста на капацитети на челик е глобален проблем што бара силна, вистинска и заедничка акција од сите партнери. Комисијата ќе продолжи да ги води меѓународните напори за изнаоѓање колективни решенија за ефикасно справување со основните причини за глобалниот прекумерен капацитет, соопшти ЕК.
Во тој контекст, Комисијата ги повикува земјите кои имаат слични размислувања како и ЕУ, да работат заедно со неа со цел да ги заштитат своите економии од глобалниот вишок на капацитети и воедно да обезбедат поголем заедничкиот пристап до пазарот.
За да биде усвоен, предлогот треба да ја мине вообичаената законодавна процедура на ЕУ, односно да биде поддржан во Европскиот парламент и одобрен од Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство.
Во наредната фаза од постапката за усвојување на мерките ќе биде инициран т.н. „тријалог“ меѓу ЕП, Советот на ЕУ и ЕК за усогласување на нивните ставови околу предлогот, во текот на кој се можни измени на некои одредби.