ЕК ќе подели еден куп услови за земјите за кои ќе препорача преговори

Непосредно пред објавувањето на извештаите за земјите кандидати за ЕУ, десет на број, во Брисел се проширија информациите дека ЕК ќе предложи отпочнување преговори со Украина која ќе треба да исполни четири услови пред да ја добие преговарачката рамка – преседан што беше направен со Македонија со уставните измени. Исто така, предлог за започнување на преговори за членство ќе добие и Молдавија а преговарачка рамка откако ќе исполни три услови на Брисел, а Грузија ќе добие кандидатски статус по исполнувањето на девет чекори.
За БиХ најмногу се кршат копјата и одлуката дали да се предложи почнување на преговорите ќе ја донесат еврокомесарите пред објавувањето на извештаите, а реално тоа ќе се случи откако „ќе се постигне потребниот степен на усогласеност“. За Македонија нема да има никаква одлука бидејќи процесот на преговори е почнат, но стои чекајќи ги уставните промени. Комоцијата со која се третира ваквата одлука во Македонија е необјаснива, бидејќи еднаш во историјата ни се случи враќање назад во евроинтеграцијата, кога беше прогласена за „заробена држава“ од ЕК, а генералната оценка беше дека „назадува“.
Политико денес анализира дека Украина е таа која го придвижи процесот и која ги повлече напред земјите од Западен Балкан кои се заглавени околу една деценија.
„Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија добија кандидатски статус – првиот голем чекор кон пристапувањето во ЕУ – пред околу 10 години или повеќе, но оттогаш се заглавени во бавните преговори за членство. Босна и Херцеговина се надева дека Комисијата ќе го поддржи почетокот на разговорите за пристап во среда, додека Косово се стреми да добие кандидатски статус.
Руската инвазија на Украина го зафати целиот процес. Истиот месец Киев побара членство во Европската унија, а неколку дена подоцна, Грузија и Молдавија го следеа примерот. Во историски брз потег, лидерите на ЕУ четири месеци подоцна им доделија на Украина и на Молдавија статус на земја кандидат. Лидерите на земјите од ЕУ кои во минатото покажуваа мал ентузијазам за проширувањето, како што се Франција, Данска и Холандија, целосно го променија својот тон.
Во овој случај, ЕУ, исто така, мораше да го преиспита својот пристап кон низа земји од Западен Балкан, кои беа политички заглавени. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во понеделникот призна дека Украина стана нов кандидат и ја турка редицата на поранешните кандидати кои чекаа со години. „Целата редица ќе се помести. Мислам дека треба да го вратиме времето што го изгубивме во бескрајниот процес на членство“, рече Борел.
Геополитички, сивата зона на тампон држави меѓу блокот и Русија повеќе не е опција по целосната инвазија на Москва на Украина. Ако ЕУ сака земјите на нејзината источна граница да ја изберат западната страна, таа мора целосно да ги прифати. Ако проширувањето не напредува, тогаш ќе им остави простор на другите да ја пополнат празнината што ја создадоа Европејците.
Но, новата желба за проширување, исто така, носи ризици за ЕУ.Блокот треба да ги реформира внатрешните процеси на одлучување за да се приспособи на многу поголем блок. Во пракса, тоа често ќе значи помалку моќ и помалку пари, особено кога ќе се вклучи земјоделска земја уништена од војна како Украина. Зад поентузијастичката реторика постои широко распространет песимизам за тоа дали проширувањето може или дури треба да се случи брзо, оценува дипломат.
За низа земји од ЕУ, вклучително и Белгија, која ќе претседава со Советот на ЕУ од јануари следната година, проширувањето е можно само ако се комбинира со внатрешни реформи.Но, за Фон дер Лајен, ваквите предизвици се надминливи.
„Рада, украинскиот парламент, усвојува далекусежни реформи кои многумина ги сметаа за невозможни пред војната“, рече таа во понеделникот. „За да се заштити Украина од идно мешање, Европа е одговорот. И, ова е многу важно, исто така важи и обратното: во свет каде големината и тежината се важни, јасно е дека е во геостратешки интерес на Европа да ја комплетира нашата Унија. Само размислете за тоа со преку 500 милиони луѓе кои живеат во слободна, демократска, просперитетна унија. Така, историјата повторно повикува и…нашата генерација е да одговори“, пишува Политико цитирајќи ја Лајен.