ЕК ја одобри реформската агенда, Македонија добива 750 милиони евра
250 милиони евра ќе бидат како грант, или неповратни средства за инвестициски проекти
Европската комисија денеска ги одобри реформските агенди на пет партнери од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, со што се отвора пат за исплати од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, во вредност од шест милијарди евра.
„Комисијата денеска ги одобри реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија по позитивното мислење на земјите-членки на ЕУ. Во нивните амбициозни реформски агенди, петте влади на Западен Балкан се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи дека ќе се обврзат да поттикнат раст и зближување со ЕУ во рамките на Планот за раст во периодот од 2024 до 2027 година“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Комисијата.
Како што се додава, овој чекор бил клучен за да се овозможат плаќања во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ од шест милијарди евра, кои ќе бидат направени по завршувањето на договорените реформски чекори.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го пофали трудот на партнерите од Западен Балкан, истакнувајќи дека нивната посветеност кон реформите е голем чекор напред кон членството во ЕУ.
– Импресионирана сум од работата на нашите партнери од Западен Балкан на нивните реформски агенди. Тоа покажува дека тие се посветени на успехот на Планот за раст. Тоа е нашиот Патоказ за да ги доближиме економиите од Западен Балкан до нашата и да им дадеме на нивните компании пристап и средства да се натпреваруваат на нашиот единствен пазар. Сите имаат корист, а тоа е голем чекор кон Европската унија, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, која денеска ја започнува западнобалканската турнеја.
Македонија од овие средства, треба да добие 750 милиони евра, од кои 250 ќе бидат како грант, или неповратни средства за инвестициски проекти.
„Според информацијата проследена од Европската комисија, според формулата од Регулативата за инструментот за реформи и раст, усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, како што нагласи претходно Премиерот, Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година. Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. Или со други зборови, а со заокружени бројки, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти“, информираше претходно министерот за европски прашања Орхан Муртезани.