ЕК ги казни „Деливери Хироу“ и „Глово“ со 329 милиони евра за картелско здружување

Европската комисија им изрече парични казни на компаниите за дистрибуција на храна „Деливери Хироу“ и „Глово“ во вкупна вредност од 329 милиони евра, поради создавање на картел во секторот за онлајн достава на храна, соопшти денеска извршната потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера.
– Компаниите се договориле да не си ги преземаат вработените меѓу себе, да разменуваат комерцијално чувствителни информации и географски го поделиле пазарот во рамките на Европската економска област, информира Рибера на денешната прес-конференција, додавајќи дека „картелското здружување“ траело четири години во периодот од јули 2018 до јули 2022 година.
Рибера потенцира дека ова воедно е првпат Европската комисија да изрекува санкции поради договор за забрана на преземање на вработени, со кој компаниите им ги ограничиле можностите на работниците.
Дополнително, според проценката на Еврокомисијата, со картелското здружување двете компании го ограничиле изборот за потрошувачите и деловните партнери и ги намалиле можностите за конкуренција и иновации.
Со ова тие го прекршиле членот 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија и членот 53 од Договорот за Европската економска област со кои се забрануваат антиконкурентски практики.
Согласно одлуката на ЕК, „Деливери Хироу“ е казнет со 223,285 милиони евра, „Глово“ со 105,732 милиони евра.
Двете компании ја признале својата вмешаност во картелот и се согласиле во иднина да не ја применуваат ваквата пракса.
Картелското здружување започнало откако во јули 2018 година „Деливери Хироу“ се здобил со малцински удел во сопственоста на „Глово“. Во наредниот период тој удел прогресивно растел за во јули 2022 година „Деливери Хироу“ да ја преземе контролата врз „Глово“.
Германската компанија „Деливери Хироу“ има свои филијали во над 70 земји од целиот свет, од кои 16 се во Европската економска област (ЕЕА), и соработува со стотици илјади ресторани. Компанијата котира на Франкфуртската берза.
„Глово“, пак, е компанија со седиште во Шпанија и функционира во над 20 земји во светот, од кои осум во ЕЕА. Од јули 2022 „Глово“ е подружница на „Деливери Хироу“.