„Ејч-Би-О макс“ и „Парамаунт плус“ ќе се спојат во една стриминг услуга


„Ејч-Би-О макс“ (HBO MAX) и „Парамаунт плус“ (Paramount+) ќе се спојат во една стриминг услуга откако ќе биде завршено спојувањето на нивните матични компании, „Ворнер брос Дискавери“ (Warner Bros. Discovery) и „Парамаунт“ (Paramount). Веста ја објави извршниот директор на „Парамаунт“, Дејвид Елисон, за време на неговиот прв повик до инвеститорите откако неговата компанија ја доби понудата за преземање на „Ворнер брос Дискавери“, објави Си-Ен-Ен.

„Ќе ги комбинираме стриминг портфолијата на двете компании во една посилна платформа во текот на наредните години“, рече Елисон. „Денес имаме повеќе од 200 милиони директни претплатници на обете платформи во повеќе од 100 земји и територии низ целиот свет.“

Спојувањето би претставувало една од најзначајните интеграции во таканаречените стриминг војни. Сепак, бројката од 200 милиони речиси сигурно ќе се намали во рамките на унифицираната услуга поради преклопување на претплатниците. „Парамаунт“ го заврши четвртиот квартал со 78,9 милиони директни претплатници, додека „Ворнер брос Дискавери“ (WBD) пријави 131,6 милиони.

За контекст, додека „Ворнер брос Дискавери“ и „Нетфликс“ (Netflix) сè уште беа во преговори за спојување, ко-извршниот директор на „Нетфликс“ , Тед Сарандос, им рече на законодавците дека 80% од претплатниците на „Ејч-Би-О макс“ имаат и сметка на „Нетфлис“. „Нетфликс“ неодамна објави дека надминал 325 милиони претплатници.

Комбинираната стриминг услуга ќе ги обедини главните франшизи на двете компании – од „Игра на тронови“ и „Сопранови“ на „Ејч-Би-О“ до франшизите „Јелоустоун“ и „Ѕвездени патеки“ на „Парамаунт“.

Елисон не предложи име за новата, заедничка стриминг услуга, но нејзиното лансирање речиси сигурно ќе резултира со уште едно ребрендирање за платформата на „Ворнер брос Дискавери“. Минатото лето се врати на името „Ејч-Би-О макс“ по две години како едноставно „Макс“, а претходеа претходни верзии како „Ејч-Би-О нау“ (HBO Now) и оригиналниот „Ејч-Би-О макс“ .

Како дел од спојувањето, „Парамаунт“ ќе го купи и Си-Ен-Ен, кој моментално е во сопственост на „Ворнер брос Дискавери“. За време на разговор со аналитичарите, Елисон рече дека „Парамаунт“ „нема моментални планови за продажба на средства“ поврзани со кабелската телевизија, што значи дека компанијата нема намера да ги продаде своите кабелски канали.

Дали ова значи дека Елисон ќе ја задржи новата стриминг платформа на Си-Ен-Ен, „Ол аксес“ (All Access), или ќе ја интегрира во комбинирана стриминг услуга, останува да се види.