Егеде: Не сакаме да бидеме Американци или Данци, ние сме Гренланѓани


Премиерот на најголемиот остров на светот денеска изјави дека неговите жители не сакаат да бидат „ни Американци, ниту Данци, туку Гренланѓани“.

-Ние не сакаме да бидеме Американци или Данци, ние сме Гренланѓани, рече Муте Егеде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес за преземање на таа автономна територија во рамките на Данска.

„Американците и нивниот шеф мора да го разберат ова“, напиша Егеде на Фејсбук, шест дена пред парламентарните избори.

Ние не сме на продажба и не може едноставно да бидеме преземени“, заклучи премиерот на Гренланд.

Британските медиуми претходно пренесоа дека во вчерашното обраќање до Конгресот Трамп рече дека владата работи на преземање на Гренланд.

-Мислам дека ќе го имаме, вака или онака, ќе го имаме, рече американскиот претседател.

Тој им рече на Гренланѓаните дека со САД тие ќе бидат „безбедни и богати“ и дека нивниот остров „ќе достигне височини за кои порано не можеа да веруваат дека се можни“.

-Тоа е многу мало население, но многу, многу големо парче земја, многу, многу важно за воената безбедност, рече Трамп.

„Ние силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за вашата иднина, и ако одлучите да го сторите тоа, добредојдени сте во САД“, заклучи тој.

Анкетите покажуваат дека мнозинството од речиси 57.000 Гренланѓани се против приклучувањето кон САД, но и дека повеќето од нив се залагаат за независност од Данска