Една година без Михаил Ренџов: Трубадурот на македонската поезија
Сега осамениот одек на клепалото на Св. Пантелејмон во Горно Нерези, е тивкиот говорник на неговата поезија

ЧУ-ДЕС-НА-ТА
Да речам што?
Речи го најтажното.
***
Што ќе ти е песната небесната?
Да ме погали и утеши
Сама, од себе да ме спаси.
Ете зошто ми е песната
Чу-дес-на-та.
Пред една година (2024) на шести октомври стивна поетската реч на великиот наш трубадур Михаил Ренџов. Сега осамениот одек на клепалото на Св. Пантелејмон во Горно Нерези, е тивкиот говорник на неговата поезија. А тој таму на небесата им ја пренесува на „ѕвездите кои говорат македонски“ како што пееше големиот Анте Поповски, во една од неговите тестаментни песни, неговата ренџовата велеиченствена тага на неговите синкопирани песни, поеми, сердари, планини, езера овие очи на земјата загледани во синилото на бесконечното, огнени реки, камени куќи, порти, путири, гралот на битноста. И кога Ренџо ги говореше неговите песни народот го слушаше и го поземаше, тие стануваа негови сочиненија, негови изблици, негови радости, негови таги.
Таму горе над скопската котлина сокриена во магла, во Горно Нерези, Ренџо ја созаде неговата Аркадија, предел постоечки, можен дом за неговата творечка светлина, ѕид што го ѕидаше вечно од каменот најден на површината на Македонија. Тој наш надворешен рудник донесен од неговите вечни талкања во дружењето на библиските прошетки со славјанските светци.Го носеше камен по камен во неговата торба, на грбот, а не му тежеше и ова богатство го вградуваше во неговиот двор. Ѕидот на радоста, ренџовиот ѕид на болката, неговиот ерусалимски ѕид, неговиот кинески ѕид да се одбрани од лошите мисли надојдени како прелет на ластовици. Двор на библиската смоква самоник, место на нерешките Ева и Адам.Неговата песна од распеаниот кавал „слнце да зајдвит ја да умирам“ му шепоти Константин Миладинов, во неговата „Т*га за југ“ Ренџо ја воспеваше украинската ларва, светото место на словенството, го воспеваше македонски „Гилгамеш“ ја градеше својата поетика вез темелите на Исарот издигнат над неговиот роден град Штип, врз долгите муабетења и песнички дружења со неговиот земјак, величенствениот Ацо Шопов, кој врз превезот на неговите партизански денови, ја создаде лириката на интимното, песната „Очи“. Но би рекла и кај оние што одеа по патеката на ново опеаната македонска поезија.
Тој замина од нашите животи.
Ама Трубадурот – Ренџо е во НАС!
ЈАС
Пеам, не пеам, тлеам, не тлеам
Само немеам,
Горам, горам, догорувам
Со песната сам согорувам
Потем сам престанувам
Молчам премолчувам.
Во себе разлетан
Со сите, а сепак сам-сам
И осамен ќе долетам, до кај?
До мојот пекол, до мојот рај
До мојот молк. До мојот крај
Гордана Михаилова-Бошнакоска