Една четвртина од младите на возраст од 15 до 16 години се коцкале за пари во последната година
Една четвртина од учениците на возраст од 15 до 16 години во земјава се коцкале за пари во последните 12 месеци, или 34 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата. Младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“, по повод Меѓународниот ден на младите преку герила акција во Скопје го изразија својот револт од сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето во секојдневието на младите во кое казина, обложувалници, онлајн платформи и реклами што ветуваат брза добивка се лесно достапни, додека истовремено младите се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност, нарушено ментално здравје и сè поголема желба да ја напуштат државата.
Тие побараа доследна примена на регулативата и контрола на оддалеченоста на коцкарниците и обложувалниците од училиштата, строга контрола на рекламирањето на игрите на среќа, особено на интернет, социјалните мрежи и во содржини насочени кон младите, ефикасна проверка на возраста и заштита на малолетниците при онлајн коцкање, финансиска писменост, превенција од зависности и ментално здравје да станат реален дел од образованието и бесплатни, доверливи и младински пријателски услуги за советување и поддршка за младите кои се соочуваат со проблематично коцкање.
„Според националното истражување ЕСПАД 2024, 25% од учениците на возраст од 15 до 16 години во Северна Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци – 34% од момчињата и 16% од девојчињата. Уште позагрижувачки, меѓу учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање се зголемил од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 година. Ова се случува во земја во која младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години изнесувала 23,6%, а според Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“, 45,3% од вработените млади не работат во професијата за која се образувале. Дури 67,7% од младите имаат одреден степен на желба за иселување, најчесто поради подобар животен стандард, повисоки плати, корупцијата и подобрите можности за вработување, посочуваат организациите.
Тие сметаат дека во вакви услови, илузијата дека финансиската несигурност може да се реши со тикет, слот или онлајн облог не е безопасна забава, а коцкањето го гледаат како како прашање на јавно здравје, ментално здравје, финансиска писменост и заштита на младите.
Светската здравствена организација предупредува дека штетите поврзани со коцкањето можат да вклучуваат финансиски тешкотии и долгови, нарушени семејни и социјални односи, стигма, депресија, анксиозност и зголемена суицидалност. Особено загрижува што овие ризици се преклопуваат со веќе сериозните предизвици со менталното здравје кај младите и тешко достапните услуги за психолошка поддршка. Истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, спроведено во контекст на КОВИД-19 пандемијата, покажа дека речиси 30% од испитаните адолесценти имале умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1% умерени до тешки симптоми на анксиозност.
„Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот. Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’. Но токму оваа порака денес го изразува нашиот револт од општество во кое понекогаш е полесно да најдеш обложувалница отколку културен центар. На младите им требаат можности, достоинствена работа, образование, култура, спорт, финансиска сигурност и достапна грижа за менталното здравје – не илузија за лесна добивка“, велат од Хера.