Единствениот руски дипломат кој даде отказ поради војната: Мир е можен само без Путин на власт


Западот мора да ја зајакне својата воена поддршка во Украина за да го порази режимот на Владимир Путин, кој секогаш ќе биде „извор на војна, агресија и дестабилизација“, рече единствениот руски дипломат кој даде оставка во знак на протест поради инвазијата на Москва на Украина.

Борис Бондарев (42), кој во моментот живее во Швајцарија, даде оставка 20-годишна допломатска кариера со јавно писмо минатиот мај, додека работеше во мисијата на Русија при Обединетите нации во Женева.

Во писмото со оставката ја критикуваше „бесмислената“ војна, вели дека се срами од својата земја и го нападна руското Министерство за надворешни работи поради ширење „лаги, воени подбуцнувања и омраза“.

Сега вели дека е добро, но не сака да зборува за својата безбедност ниту за тоа дали добил закани.

Пасивност и лојалност

Ни еден друг руски дипломат не го следеше неговиот пример, барем не јавно.

„Не можам да кажам дека сум разочаран затоа што ништо не очекував. Ги познавам колегите. Да имаше повеќе луѓе кои јавно ќе проговореа, можеби ќе беше поинаку. Но, да постоеја тие луѓе, тоа би било друго министерство и оваа војна никогаш не ќе се случеше“, додава Бондарев за Е-еф-е.

Како поранешен министер тој вели дека никогаш не верувал оти Путин, кого го смета за одговорен за војната, ќе ја нападне Украина.

„Знаев дека режимот е корумпиран, дека се арамии, но никогаш не мислев дека тие крадци ќе станат убијци и воени злосторници“, вели тој.

Бондарев ја резимира ситуацијата во путиновата Русија: Ако избегнувате да се занимавате со политика и да ја критикувате власта, нема да имате проблем. За возврат, вашиот живот ќе тече помалку или повеќе, како и обично, дури и во време на војна.

„Во Москва продавниците се отворени, а рестораните полни. Луѓето се забавуваат. Ништо не покажува дека постои војна. Никого не го интересира што се случува, таму во некои оддалечени и сиромашни делови на Русија, каде се регрутираат сѐ повеќе војници. И тоа не добива никаков публицитет“, додава тој.

Овој менталитет, немешање во тоа што се случува, освен на активно малцинство, е наследство од советското минато од кое Путин има корист.

„Путин веќе 20 години ги учи луѓето да се грижат само за своите животи и да му ги препуштат државните работи“, објаснува поранешниот дипломат.

Во оваа една година војна, вели дека најмногу го изненадил лошиот учинок на руската војска, многу полош од тоа во што се сомневал поради распространетата корупција.

„Корупцијата и некомпетентноста се централни карактеристики на режимот на Путин. Така што не би требало да сум изненаден“, вели тој.

Само мир без Путин

Бондарев рече дека верува оти „ако сакате мир, мора да го исфрлите Путин и неговиот режим од равенката“.

Путин нема веќе што да му понуди на рускиот народ и сѐ што прави сега е за болеста на земјата и за сопствените грешки да ги обвинува наводните надворешни непријатели“, вели Бондарев.

„Оваа војна е негова лична војна затоа што никој околу него не ја посакуваше. А тие и сега не ја сакаат. Тие само следат, затоа што нивна одговорност не е да размислуваат и да одлучуваат“, додава.

Бондарев ги критикуваше оние земји кои ја поддржуваат Украина, но не праќаат оружје кое на Киев ќе му помогне да извојува конечна победа.

„Се чини дека Европа и САД не сакаат Украина да победи во оваа војна. Изгледа сакаат да ја турнат Украина кон мир со Русија. Како формула за спас на образот на Путин“, нагласува тој.

„Не знам колку тенкови има Шпанија, ама ако има 100 нека ги испрати во Украина. Ќе биде тоа голем придонес од цела Европа“.

Тој исто така ги критикува европските лидери кои се противат на давањето воена помош на Киев:

„Војната нема со некое чудо да сопре, ако не се испорача оружје“, вели Бондарев.

„И се чини дека овие пацифисти велат: Украина може да се подели. Заменете дел од Украина со Путин во замена за нешто, како да не се тие слободен народ туку нешто инфериорно што може да се жртвува“, додава.