Единствен официјален предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е португалскиот
За Владата на Северна Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија. Сметаме дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.
Ова е наведено во одговор на Владата на прашањето на МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, кој денеска го објави телевизија Клан без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ Клан, се тврди дека во Република Северна Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.
-Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе и се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, се наведува во нон-пејперот.
Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.
-Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Северна Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (Германски, Португалски, Словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни, се наведува во нон-пејперот.
Официјалниот став на Владата е дека релеватен за решавање на спорот е португалскиот предлог и оти тој содржи решенија кои се прифатливи за двете страни.