Еден центар за податоци на „Мајкрософт“ троши еден процент од вкупната електрична енергија во Холандија
Центарот за податоци на „Мајкрософт“ во холандската покраина Северна Холандија потрошил 1,17 терават-часови електрична енергија во 2025 година, што претставува околу еден процент од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата, покажуваат податоците на Холандската агенција за претприемништво.
Првпат се објавуваат податоци за потрошувачката на електрична енергија на конкретен голем центар за податоци во Холандија. Според прелиминарните податоци на Централниот завод за статистика, вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата минатата година надминала 112 терават-часови.
Центарот на „Мајкрософт“ се наоѓа во близина на населеното место Миденмер и е еден од најголемите во Холандија.
Голем број технолошки компании досега одбиваа јавно да ги објавуваат овие информации поради конкуренцијата и поради стравувањата дека тие ќе ја поттикнат јавната дебата за недостигот од електрична енергија и сè поголемиот притисок врз електроенергетската мрежа што го создаваат центрите за податоци, пишува дневниот весник „НРЦ“.
По написите за недостигот од транспарентност во технолошкиот сектор, „Мајкрософт“ стана првата голема американска компанија што објави информации за повеќе еколошки аспекти на своите центри за податоци во Холандија.
Портпаролот на компанијата изјави дека одлуката е донесена со цел да се обезбеди поголема транспарентност.
– Досегашната практика беше сè да се чува во тајност, но решивме да направиме промена – рече тој.
Другиот голем технолошки оператор во земјата, „Гугл“, кој има два големи центри за податоци во Миденмер и во Емсхавен, одбива да објави слични информации. Од компанијата наведуваат дека податоците за потрошувачката на електрична енергија можат да откријат информации за начинот на кој е организирана и се користи нивната инфраструктура и затоа ги сметаат за чувствителни од конкурентски аспект.
Потрошувачката на електрична енергија на центрите за податоци е предмет на интензивна јавна дебата во Холандија поради растечкиот товар врз електроенергетската мрежа. Во повеќе региони веќе се воведени ограничувања за изградба на големи центри за податоци, иако продолжува изградбата на помали објекти.
Според податоците на Централниот завод за статистика, во 2024 година околу 45 центри за податоци потрошиле 4,2 проценти од вкупната електрична енергија во Холандија, што одговара на потрошувачката на околу 1,9 милиони домаќинства.
Операторите на електроенергетската мрежа прогнозираат дека до 2030 година уделот на центрите за податоци би можел да достигне околу 15 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата. Само во покраината Северна Холандија, според поднесените барања за дозволи, дотогаш се очекува да работат 92 центри за податоци.
Во исто време, електроенергетската мрежа во Холандија е под сè поголем притисок. Повеќе од 14.000 компании и околу 7.300 домаќинства се на листата на чекање за нов или за помоќен приклучок на електроенергетската мрежа.