ЕЦБ предупредува на неконтролиран пад на цените на недвижностите поради високите камати
Цените на становите во еврозоната би можеле неконтролирано да паднат, бидејќи становите стануваат недостапни за граѓаните и непривлечни за инвеститорите поради високите каматни стапки, предупреди Европската централна банка (ЕЦБ).
Тоа е еден од неколкуте ризици истакнати во анализата на ЕЦБ за финансиската стабилност, при што повисоките трошоци за задолжување и побавниот економски раст ги повредуваат компаниите и домаќинствата.
Од минатиот јули, ЕЦБ се обидува да ја заузда инфлацијата со зголемување на каматните стапки и се чини дека тоа ќе опстои со затегнатата монетарна политика во наредните месеци, забележува Ројтерс. Остриот пораст на каматните стапки сега почнува да се чувствува на пазарот на недвижности, кој цветаше во текот на децениите кога беа достапни евтини кредити.
„Гледајќи напред, падот на цените на (имотот) би можел да биде неконтролиран бидејќи зголемените каматни стапки на новите хипотекарни заеми се повеќе ја загрозуваат нивната достапност и го зголемуваат каматниот товар на постоечките хипотекарни заеми“, предупреди ЕЦБ.
Ова особено важи за земјите каде што преовладуваат хипотекарните заеми со променлива каматна стапка, посочуваат од банката, без да прецизираат за кои земји станува збор. Но, податоците на ЕЦБ покажуваат дека уделот на хипотеките со променлива стапка е најголем во Португалија, Шпанија и балтичките земји, забележува Ројтерс.
ЕЦБ, исто така, предупреди дека регионите каде што институционалните инвеститори заземале големи позиции на пазарот на станбен имот би можеле да добијат поголем удар доколку капиталот се повлече. Ова ги вклучува Берлин, делови од западна Германија и група главни градови како Париз, Мадрид, Лисабон и Даблин.
Од друга страна, ЕЦБ наведува дека домаќинствата имаат корист од силниот пазар на труд, што значи дека помалку граѓани најверојатно ќе имаат проблеми со отплата на хипотекарните заеми поради губење на работни места, покажува анализата.