ЕЦБ најавува нов пакет помош за еврозоната во декември


Европската централна банка (ЕЦБ) објави дека поради вториот бран на глобалната пандемија со КОВИД-19, таа е подготвена да обезбеди поголема финансиска помош и поддршка на економијата, пренесува Анадолија. ЕЦБ соопшти дека во декември може да биде објавен нов пакет на помош.

Во октомврискиот извештај од состанокот на ЕЦБ за монетарната политика се посочува дека тие не можат да останат рамнодушни на вториот бран на корона вирусот и дека ќе одвојат повеќе средства за поддршка на економијата.

Во извештајот се вели дека членовите на Советот на ЕЦБ се особено загрижени за рецесијата што може да предизвика трајна штета на економиите на членките на еврозоната.

„Постојат јасни ризици во однос на растот на бруто домашниот производ (БДП) во последниот квартал на 2020 година“, се вели во ивештајот.

Се додава дека во декември може да биде објавен нов пакет на помош, кој главно ќе се состои од купување обврзници и се нагласува дека Совет на ЕЦБ е „подготвен да дејствува кога е потребно“, пренесува Н1.

Во извештајот исто така се наведува дека членовите на Управниот совет го делат мислењето дека мерките на монетарната политика на ЕЦБ обезбедуваат силна монетарна позиција.

„Сепак, важно е да се има предвид дека пандемијата може да има подолготрајни последици врз понудата и побарувачката и дека може да има намалување на можниот раст“, велат од ЕЦБ, додавајќи дека се очекуваат понатамошни намалувања на вработеноста, особено во услужниот сектор.

Во јуни, ЕЦБ ја зголеми програмата за вонредно купување за време на пандемијата (ПЕПП) за 600 милијарди евра на вкупно 1,35 билиони евра во обид да им помогне на економиите да ја надминат финансиската криза предизвикана од пандемијата.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард неодамна изјави дека пакетите за поддршка ја докажаа нивната ефикасност во сегашното опкружување на пандемијата, навестувајќи како може да изгледа уште еден стимулативен пакет за спас на економиите во еврозоната.

Таа истакна дека пакетите за поддршка на ЕЦБ можат „динамично да се прилагодат“ на условите и да останат клучни алатки за зајакнување и стабилизирање на монетарната политика.

Во меѓувреме, економистите не ја исклучуваат можноста за специјална финансиска инјекција пред декември, додавајќи дека сепак сè уште е малку веројатно тоа навистина да се случи.