ЕЦБ и ФЕД се претпазливи со понатамошното намалување на каматните стапки

Европската централна банка (ЕЦБ) и Федералните резерви на САД (ФЕД) се во чувствителна фаза, бидејќи иако инфлацијата забави, глобалните шокови и политичките одлуки како што се американските тарифи внесуваат дополнителна неизвесност. Ова им претставува предизвик на централните банки – да балансираат помеѓу потребата од дополнителни стимулации и претпазливост за да не излезе инфлацијата повторно од контрола.
Според економистите на HSBC, ЕЦБ веројатно ќе биде претпазлива во врска со понатамошното намалување на каматните стапки, и покрај ризикот дека силното евро ќе ја турне инфлацијата под целната стапка од два проценти. Со оглед на познатото задоцнување во ефектите од монетарната политика, ЕЦБ може да одлучи да ги игнорира краткорочните флуктуации на девизниот курс, објави Волстрит журнал.
Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, изјави дека ЕЦБ го заврши својот последен циклус мерки на монетарната политика насочени кон ограничување на инфлацијата. Во интервју за време на годишниот форум на ЕЦБ минатата недела, тој рече дека инфлацијата е успешно намалена од врвот од 10 проценти до целта од два проценти и дека тој дел од работата е завршен.
Сепак, според него, банката останува подготвена да реагира доколку се појават нови отстапувања што би можеле да ја загрозат среднорочната ценовна стабилност. Инфлацијата во Еврозоната во мај изнесуваше 1,9 проценти, додека референтната каматна стапка беше намалена од четири на два проценти, со очекување дека може да падне на 1,75 проценти до крајот на годината, објавува CNBC.
ЕЦБ моментално внимателно ги следи факторите како што се енергетските пазари, девизните курсеви и инфлациските очекувања, обидувајќи се да не реагира премногу брзо на мали отстапувања, но и да не пропушти подлабоки структурни промени во економијата. Исто така, растот на еврото во однос на пошироката кошничка валути беше поумерен отколку во однос на американскиот долар.
Поради силната вредност на еврото, што би можело дополнително да ја турне инфлацијата под целното ниво, ЕЦБ веројатно ќе биде претпазлива со понатамошни намалувања. Сепак, компаниите во еврозоната би можеле да го користат посилното евро за да ги вратат маржите на профит, наместо да ги намалат цените, додека фискалните стимулации би можеле да ги ублажат дефлациски ефекти.
Записниците од јунската сесија на ЕЦБ покажуваат дека компаниите во еврозоната биле под притисок од намалените маржи на профит, но сега би можеле да го користат посилното евро за да ги обноват, без да ги пренесат придобивките на потрошувачите. Во исто време, поблагата фискална политика во Европа би можела да го ублажи негативното влијание на посилното евро врз цените. Според податоците на LSEG, еврото достигна речиси четиригодишен максимум од 1,1829 долари минатата недела.
Од друга страна, американскиот Федерален резервен систем се соочува со внатрешни поделби околу тоа дали треба да ја намали референтната каматна стапка на претстојниот состанок на 30 јули. Белешките од јунскиот состанок покажуваат растечко несогласување меѓу членовите на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC).
Додека некои веруваат дека инфлацијата е доволно контролирана за да оправда намалување на стапката, други изразуваат загриженост дека новите царини објавени од американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да ги зголемат цените, загрозувајќи ги постојните мерки за борба против инфлацијата. Некои членови на FOMC истакнуваат дека ефектите од царините веројатно ќе бидат привремени, додека други, посочувајќи на базична инфлација од 2,7 проценти во мај, веруваат дека нема простор за опуштање.
Во моментов, пазарите генерално не очекуваат намалување на каматните стапки пред септември, што е потврдено со податоците од алатката FedWatch, која ги мери очекувањата на пазарот врз основа на тргување со фјучерси. Вработеноста во САД останува силна, што му дава простор на ФЕД да почека и да види како ќе се развива ситуацијата.
Економистите велат дека ФЕД е задоволен со пристапот „почекај и види“, бидејќи американската економија продолжува да покажува отпорност и покрај трговските тензии и инфлаторната неизвесност.