„Џифони Македонија“ е нешто различно од фестивалите како Кан, Берлин, Венеција


Што сработиле учесниците на 13. „Џифони Македонија“, публиката ќе може да види вечерва во 19 часот на затворањето на фестивалот во киното „Фросина“ во Скопје. Џифонци ќе ги прикажат нивните дела кои се резултат на изминатите шест дена на работилниците за кратки документарни филмови, за фотографија, видео во еден кадар, работилница за кратки филмови, за стрип, а кај основците – за перформанс и мјузикл и за краток филм.

По шест години, во Скопје деновиве е и основачот на фестивалот, Клаудио Губитози, кој на прес-конференција денес го сподели своето огромно одушевување од „Џифони Македонија“.

-Македонија е во центарот на фестивалот „Џифони“. Има важна улога во сите наши активности и покрај тоа што имаме многу поголеми земји соработнички. Зошто многу ги сакаме македонските учесници на Џифони? Прво, затоа што одлично зборуваат англиски и второ, затоа што имаат одлични комуникациски вештини и знаат да дискутираат добро и да кажат свое мислење. Единствено за македонското издание на фестивалот ние како „Џифони Италија“ бараме финансиска поддршка и од Министерството за култура и од Националната агенција за млади. Фестивалот „Џифони“ е нешто различно од фестивалите како Кан, Берлин, Венеција, ние ги ставиме младите во центарот на приказната. Брендот е раширен во 35 држави, нè следат 1.600.000 луѓе – рече Губитози.

Тој посочи дека да се работи со млади воопшто не е лесно.

-Ние многу внимаваме како ќе им пристапиме, да го задржиме нивното внимание во овој свет и општества што се менуваат многу брзо. Нема тема што не сме ја опфатиле, а била важна – сајбербулинг, ментално здравје, врсничко насилство. Ја започнав оваа приказна пред 56 години и од самиот почеток верував во мисијата. Ме гледаа малку како да ми фали нешто, кога им велев дека на овој тревник ќе никне кино. Успеав да го донесам Михаил Горбачов во Џифони една година по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Седнав, му напишав писмо и се охрабрив. Треба да знаете што да кажете. Намерно ја раскажувам мојата приказна пред младите, за да се охрабрат и да зборуваат. Нашата наредна мисија е „Џифони“ да влезе на УНЕСКО листата на нематеријално културно добро, заради огромното позитивно влијание што го има врз младите. Се радувам што Башески веќе го препушта фестивалот на младите. И јас најавив дека од 31 декември веќе нема да бидам директор на фестивалот и го препушта на мојот тим од 90 луѓе – објасни тој.

Македонските учесници создаваат мостови на културата, вели идејниот творец на „Џифони“. Филмот „Диџеј Ахмет“ влезе во официјалната програма на фестивалот во Џифони годинава.

-Порано имавме изданија во кои фокус ни беше одредена земја, со што се претставуваше културниот живот, нашата намера е да се навратиме на ваквите изданија. Да ја претставиме македонската култура и потемелно. Од самиот почеток верував во овој фестивал. Отсекогаш сум знаел дека најважната работа е да се сака она што се работи. Треба да убедите многу луѓе во тоа во што верувате – да го убедите регионот, италијанските политичари, европските, исто така. Тоа не е мала работа.

Директорот на „Џифони Македонија“, Дарко Башески, истакна дека во првите години од Македонија учествувале по две три деца, а денес веќе делегациите ги сочинуваат по 12-13 секоја година во јули. Тој му се заблагодари на Клаудио Губитози за сета поддршка што ја дава на фестивалот, но и што се труди секогаш да ги поврзува двете култури и со настани што не се директно поврзани со „Џифони“.

– 13 години како одам во Џифони, секоја година се појавува нешто ново. Тоа што некогаш беше ливада, денес е мултимедијален капацитет на околу 6.500 квадратни метри. По неколку години тоа здание никна. Филмот е само повод младите да гледаат филмови, но тоа што го добиваат е многу суптилно и влијае на нив. Собирањето шишиња, на пример, што го воведовме од лани, дава нова вредност. И изборот кој ќе оди на Џифони, пак е даден на веќе искусните џифонци, тие гласаат кој е најзаслужен за да биде дел од македонската делегација. Практично ги мотивираме дека нивната иднина зависи од нив и дека ако се заложат, ќе добијат тоа што сонуваат. Губитози за мене беше голема мотивација. Успеа да ми го сврти целиот фокус во животот и да се посветам на работата со младите – сподели искрено Башески.