Џенерал Моторс го продолжува прекинот на производството до 15 март
Џенерал моторс ќе го продолжи прекинот на производството во три фабрики во Северна Америка најмалку до средината на март поради глобалниот недостиг на чипови, додека производството на возила во преостанатите два погона ќе биде само делумно, соопшти денеска компанијата.
Фабриките каде производството е прекинато се наоѓаат во Ферфакс во Канзас, во канадскиот град Ингерс кај Онтарио и во Сан Луис Петоси во Мексико, јави Си-Ен-Би-Си.
По информацијата на компанијата акциите на ГМ паднаа за еден процент.
Недостигот на чипови ги погоди производителите на автомобили ширум светот, вклучувајќи ги Тојота, Фолксваген, Стелантис – заедничко вложување на Фиат и ПСА, како и Форд, Рено, Субару, Нисан, Хонда и Мазда.
Азиските производители на полупроводници прават се за да го зголемат производството, но велат дека недостигот во снабдувањето ќе продолжи уште многу месеци. Според германски медиуми, германскиот производител на чипови „Инфинеон“ верува дека недостигот уште повеќе ќе се влоши во наредниот период.
Проценето е дека тој проблем ќе влијае на падот на глобалното производство во првиот квартал за повеќе од 670.000 возила и ќе трае до третиот квартал.