Џафери во прва официјална посета на Федералниот национален совет на ОAE


ОАЕ – Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој е во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во Абу Даби беше пречекан од неговиот домаќин спикерот на Федералниот национален совет Сагар Ал-Гобаш.

На кусата средба по пристигнувањето на македонската делегација во Абу Даби, Џафери и Ал-Гобаш, како што јави известувачот на МИА, изразија задоволство од продлабочувањето на соработката на двата парламента, што е и една од целите на оваа прва историска посета на претседател на Собранието на Федералниот национален совет на ОАЕ.

Во состав на собраниската делегација која ја предводи првиот човек на законодавниот дом Џафери се и претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, пратеникот Хусни Исмаили, и пратениците Дарко Каевски и Бедри Фазли.

Официјалната билатерална средба на Џафери со Ал-Гобаш е предвидена за утре, кога исто така според агендата се најавени и разговори на парламентарната Делегација на Северна Македонија со членовите на Парламентарната група за пријателство со парламентите од европските земји на Федералниот национален совет на ОАЕ.

На средбите се очекува да стане збор за унапредување на соработката на македонското Собрание со Федералниот национален совет на сите нивоа, но и за интензивирање на севкупните односи и соработка меѓу двете земји, особено на економски план.

Парламентот на Обединетите Арапски Емирати или Федерален национален совет е воспоставен во 1971 година и го сочинуваат 40 пратеници, од кои половината се жени. Во ОАЕ нема регистрирани политички партии и сите мои сакаат да бидат дел од ФНС се кандидираат како независни. Мандатот на избраните пратеници трае четири години. Тие ги претставуваат граѓаните од целата земја, а не само на емиратот од каде што доаѓаат. Бројот на парламентарните места во Федералниот национален совет зависи од бројот на жителите во седумте емирати на ОАЕ. Така емиратот Абу Даби е застапен со осум пратеници, како и Дубаи, емиратите Шарџа и Рас Ал Каиман со по шестмина пратеници, а емиратите Аџман, Ум Ал Куаин и Фуџерја со по четворица пратеници.

Предвидено е последниот ден од престојот во ОАЕ Џафери и собраниската делегација да го искористат за посета на Павилјонот на Република Северна Македонија на „Експо Дубаи 2020”.

Оваа посета на собраниската делегација се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

Во Абу Даби, но и во целата земја деновиве започнаа подготовките за одбележување на 50-годишнината од основањето на ОАЕ. Дрворедите во главниот град веќе се наредени со светлечки украсни палми со бројот 50.