Џафери: Среќна Нова 1949!


Да ви ја честитам новата 1949, рече денеска од собраниската говорница пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, кој побара од дневниот ред да се симне Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од владејачката коалиција, како и точката три – владиниот предлог за продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на земјава, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.

„Со точка еден се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии. Вие оценивте дека опозицијата се што ќе каже лаже и прави манипулации, тоа е цензура“, му се обрати Џафери на собранискиот спикер, Африм Гаши.

„Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, нути ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на згрижување мигранти“, продолжи Џафери и праша зошто тогаш е потребна точката три, за веќе 14 години да се продолжи мигрантската криза ако веќе договорот со Фронтекс е потпишан.

За резолуцијата на власта реагираа и ЗНМ и Синдикатот на новинарите на Македонија, гледајќи ја како најава за цензура.

„Неколку формулации во резолуцијата кои се однесуваат на јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир, во ваква општа и недоволно прецизна форма можат да бидат проблематични од аспект на слободата на медиумите и правото на информирање.

Особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу „дезинформации“, „ширење паника“ и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување. Ваквите формулации оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.

ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, вклучително и преку поставување прашања, анализа и пренесување информации од јавен интерес, дури и кога тие информации се непријатни или контроверзни за власта. Таквото известување не смее да се поистоветува со „дезинформации“, „манипулации“, „лажни сценарија“ или закана по јавниот ред и мир, доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди.

Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во државата веќе постојат воспоставени механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се единствениот соодветен пат за постапување во вакви случаи, наместо решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.

Апелираме институциите, при донесување резолуции, декларации или други акти, особено внимателно да ги формулираат деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор, со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана по слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права.

Слободните, професионални и независни медиуми и заштитата на правата на новинарите се клучен столб на демократското општество и на јавниот интерес“, стои во реакцијата.