Џафери порача: Не е важно што Владата е техничка, одговорно ќе работам

Само осум пратеници беа пријавени за збор во Собранието при изборот на техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата по обраќањето на Антонијо Милошоски, а албанската опозиција не ни присуствуваше на расправата


Фото: Б. Грданоски

Собранието денеска ја почна седница за избор на техничка влада на Македонија. Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан, а во салата имаше регистрирано 108 пратеници. Уште веднаш пратеникот Антонијо Милошоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа, а по неговото обраќање пратениците на оваа партија ја напуштија салата.На седницата не присуствуваа ни пратениците од албанската опозиција, кои го бојкотираат одамна заради неименувањето нивен член во Државната изборна комисија. 

Талат Џафери прв се обрати пред пратениците при што главната порака беше дека ќе постапува согласно законите. 

„За мене не е важно дали е техничка Влада или за 100 дена, јас оваа одговорност ја сфаќам онака како што сум пристапувал кон секој предизвик кој сум го имал во животот. Сакам да ве уверам дека нема да дозволам да отстапиме од она што значи функционална и одговорна институција“, кажа Џафери.

Малку говореше на албански, па на македонски. Меѓу другото, во говорот се осврна и на тоа дека внимание ќе посвети на тоа во следниот период да има успешни економски политики, а и дека ќе продолжи борбата против корупцијата. На крајот од говорот, му се заблагодари за довербата најпрвин на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потоа на шефот на државата Пендаровски, а и на сите пратеници. 

„Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне на премиерската фотелја“, порача Милошоски додавајќи дека си заминал еден лош премиер а граѓаните да не очекуваат дека овој ќе биде подобар. Милошоски порача дека ниту еден од двајцата немаат искрени чувства кон Македонија и ја  искритикува СДСМ дека „ја продале куќата“ на ДУИ.

„Еден дезертер даде оставка, другиот ќе седне на фотелјата. Исто како што беше Џафери најлош, така и Ковачевски ќе биде. Пратениците на ДУИ нема пратеници и број на гласови за да избере премиер. Но, Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. Слугите на корумпираната на ДУИ, заради коруптивни побуди, македонскиот народ го направија кираџија во сопствената државата. СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија понижувачка ДУИ-зација на државата, ставајќи го на чело на државата, Талат, другарот на Рамиз Мерко и Пуцко Петрол – познатите европејци во Македонија“, рече Милошоски.

Кажа и дека нема ништо историски во денешниот ден, освен што историски има најголем долг, корупција, пропаст. Милошоски го нарече Артан Груби – адвокат на ДУИ, а Џафери на ДУИ, оти едниот пишувал закони, другиот ги прифаќал законите, па протнувал низ Собрание.

Дарко Каевски од СДСМ рече дека се нервозни во ВМРО-ДПМНЕ зошто ќе се соочат со пораз на изборите и ги повика сите кои и мислат добро на државата да се приклучат, со уверување дека Џафери ќе биде добар премиер.  Тој наброја неколку државнички одлуки во време на неговиот мандат  оценувајќи дека деструктивноста и обидите за блокади и насилства не ја скршнале државата од правиот пат. Тој возврати исто така критикувајќи ги предлозите за технички министри и заменици со порака дека немаат храброст ни да ги изгласаат. 

Каевски беше сигурен дека овие 100 дена се единствените во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе биде власт, а потоа заминува повторно четири години во опозција.Ставајќи го интересот на државата на прво место, најави тој, пратениците на СДСМ, како прогресивна и проевропска партија, заедно со пратениците од мнозинството ќе ја поддржат техничката Влада во македонското Собрание.

-Нема да дозволиме ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес а со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат. Во изминатите години СДСМ покажа дека е демократска партија која знае да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновено право за слободно изразување на нивната волја. Така и ќе продолжиме, рече Каевски.

Павле Трајанов, претседателот на Демократски сојуз, рече дека нема да ја подржи техничката Влада, која за него е спротивна на Уставот.

-Повеќе од јасно е дека состојбите не се битно променети, напротив, тие се влошени и затоа формираме ваква техничка влада која што е спротивно на уставот на Република Северна Македонија, рече Трајанов. Тој му порача исто така на Ахмети дека со „триумфализмот“ што го манифестир и со давањето историски димензии на изборот на премиер -Албанец на техничката Влада, промовира етно национализам.

-Партиската, националната и верската припадност станаа врвни критериуми за да се биде обвинител судија, директор, па и премиер.Тоа не се европски вредности, тоа се поделби и затворање во етнички гета.Со ваков етно-триумфализам, вие од СДСМ и ДУИ, не ја движите Македонија кон Европската унија, туку ја враќате назад кон конфликтот од 2001 година.Со партизацијата на институциите направивте хаос, граѓаните се очајни, револтирани и сите со единствено прашање, ‘Дали ќе ја биде Македонија?- рече Трајанов.

Од ДУИ пак не гледаат така:

„Нема доволно силни зборови за визионерството на Али Ахмети“, напиша новиот мандатар на техничката влада Талат Џафери на социјалната мрежа Фејсбук, непосредно пред започнувањето на собраниската седница. 

„Човекот се памети по делата кои ги остава во наследство за идните поколенија и патеките кои ги трасира во историјата. Не постојат доволно силни зборови кои го опишуваат придонесот и визионерството на Али Ахмети во градењето на модерната историја на нашата државата. Денес сведочиме на уште еден историски ден на нас“, напиша Џафери. 

Само осум пратеници беа пријавени за збор во Собранието во однос на точката избор на техничка Влада, меѓу кои и Али Ахмети. Со оглед на тоа, се очекува попладнево да се изгласа Владата. Пратениците од  ВМРО-ДПМНЕ по обраќањето на Милошоски ја напуштија салата „Македонија“ во која се одржува пленарната седница. 

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.