Џабир Дерала одликуван од претседателот на Украина, Володимир Зеленски


 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го одликува новинарот и публицист Џабир Дерала со орден за заслуги, соопшти денеска „Цивил“. Со истиот Указ, со орден за заслуги се одликувани и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и познатите француски актери, Ален Делон и Кетрин Денев.

На списокот на добитници на ова високо државно признание од претседателот на Украина се наоѓаат и низа политички, научни и општествени дејци од целиот свет.

„Ова признание го доживувам како потврда за мојата работа и мојата посветеност кон обелоденување на вистината за трагичните последици од бруталната руска агресија против демократска и слободољубива Украина, наспроти жестоката пропаганда со дезинформации од кои страда и нашето општество. Сакам да се знае дека ова високо и за мене драгоцено признание го сметам како заслуга и признание за сите мои колешки и колеги во ‘Цивил’, како граѓанска организација и како медиумска платформа, како и во ‘Фронтлајн’, каде што сум уредник. Ова високо одликување претседателот на Украина е наша заедничка заслуга! Слава Україні!“, рече Дерала пред своите колеги.