Ѕампини : Државата да преземе мерки за подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот


Фото: Б. Грданоски

Даниела Ѕампини, виш специјалист за вработување, од Меѓународна организација на трудот во интервју за МИА вели дека ако во периодот на мерки за изолација и ограничено движење поради кризата предизвиката од коронавирусот, беше потребно да се стави акцент на зачувување на работниот однос и одржување на работните места и приходи, сега во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.

Неопходно е, вели таа, државата да продолжи да презема мерки за зачувување на бизнисите и работните места, особено за младите. Тоа, потенцира таа, не е само правилно нешто со кое би се спречило создавање „затворена“ генерација. Оваа заложба би можела да има позитивен ефект на одржување на вкупната побарувачка во блиска иднина.

Се разбира, додава Ѕампини, важно е да се има преглед на расположливиот фискален простор пред да се започне со примена на сложени мерки, со широк опсег и амбициозни цели во однос на опфатот. Сепак, пред инвестирање во програми за поддршка на вработеноста треба да се земат предвид и макроекономските аспекти.

Фото: Б. Грданоски

Неодамна на барање на Економско-социјалниот совет излеговте со препораки за зачувување на работните места и заштита на бизнисите во Северна Македонија. Колку од нив се вградени во мерките што ги донесоа надлежните и што дополнително треба да се направи за да се зачуваат што е можно повеќе работни места и да се заштитат повеќе бизниси?

Како директен резултат на препораките предложени во Анализата направена од Меѓународната организација на трудот, Владата донесе Уредба со која се прошири опфатот на шемата за надоместоци во случај на невработеност на сите работници кои имале прекин на работен однос во периодот од 11 март до 30 април 2020 година. Со оваа мерка се опфатија сите работници во времетраење од два месеца од денот на прекин на нивниот договор, без разлика на времетраењето на нивниот договор за вработување и се однесува на сите начини на прекин на договорот, дали од страна на работникот или работодавачот или со спогодба. Иако времетраењето на опфатот е покусо во споредба со препораката дадена во Анализата, сепак ова е чекор во правилна насока за одговор на негативните последици од кризата предизвикана од Ковид-19 врз ранливите работници.

Очекуваме дека и на другите препораки од Анализата ќе им се даде дополнително внимание, со оглед на тоа што Економско-социјалниот совет на својата 59-та седница одржана на 2 јуни, ја усвои истата. Треба да се преземат повеќе активности за заштита на работниците и компаниите: една од важните работи која се истакнува во Анализата е преземање на мерките во соодветно време. Правилните политики треба да се преземат во вистинско време со цел да се максимизира резултатот од вложувањето. Во период на мерки за изолација и ограничено движење, беше потребно да се стави акцент на зачувување на работниот однос и одржување на работните места и приходи; во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.

Дали има можности земјава да ги преземе сите мерки со оглед и на ограничените приходи со кои располага?

Се разбира, важно е да се има преглед на расположливиот фискален простор пред да се започне со примена на сложени мерки, со широк опсег и амбициозни цели во однос на опфатот. Сепак, пред инвестирање во програми за поддршка на вработеноста треба да се земат предвид и макроекономските аспекти. На пример, во Анализата се истакнува важноста од продолжување на поддршката, па дури и проширување на мерките за вработување на младите. Инвестирањето во работни места за младите не е само правилно нешто со кое би се спречило создавање на „затворена“ генерација. Оваа заложба би можела да има позитивен ефект на одржување на вкупната побарувачка во блиска иднина.

Во услови на Ковид-19, како потрошувачи, младите се помалку ограничени од здравствени проблеми во споредба со повозрасните работници кои ќе се воздржат од потрошувачка со високо ниво на контакти (патувања, ресторани), а веројатно и од вложување во недвижности и трајни производи. Со инвестиции во одржување на работните места и приходите на младите луѓе во Северна Македонија би се поддржале претпријатијата во нивните обиди за закрепнување во време кога потрошувачката на добра и услуги од повозрасните работници не е доволна за да се придвижи и одржи вкупната побарувачка. Инвестирањето во работни места за младите луѓе е во крајна линија стимулативен пакет. Во Анализата се истакнува дека Владата на Северна Македонија беше некако штедлива во почетната фаза од кризата. Веројатно има простор за зголемување на инвестициите, особено за мерките за кои постои трипартитен консензус меѓу Владата и социјалните партнери.

Фото: Б. Грданоски

Каква е вашата проценка за состојбите со економијата во земјава?

Како што истакнува студијата, кризата ја зафати Северна Македонија во време на економски раст, со постојан, иако умерен, раст на реалниот БДП од 2013 година. Во 2019 година, во економијата на земјата додадени се 40.000 работни места, масовен раст во споредба со просекот од претходните години. Сепак, структурните тесни грла и политичката нестабилност ја кочат продуктивноста и конкурентноста. Секторите за услуги со поголема додадена вредност, како што се ИТ, финансии и осигурување, со текот на времето станаа позначајни во однос на додадената вредност, но имаат ограничено создавање на работни места.

Голем дел од работната сила останува „заробена“ на работни места со ниска продуктивност, во земјоделството и текстилната индустрија. Како резултат на тоа, севкупната продуктивност на трудот не порасна доволно брзо за да се обезбеди зголемување на платите и подобрување на животниот стандард. А во основа тоа е суштината: легитимното очекување на граѓаните дека работата, без разлика дали е канцелариска или мануелна работа, треба да доведе до добар животен стандард за сите и конкретна заштита за оние кои не можат да работат.

Прогнозите се дека се очекува пад на економијата за 3,5 проценти годинава. Што би значело тоа за пазарот на труд во земјава?

Има повеќе начини за разгледување на ова сценарио. Економистите сметаат дека побарувачката за труд произлегува, односно зависи од побарувачката за добри и услуги од фирмите. Па оттука, падот на вкупното производство на земјата генерално би предизвикал намалување на бројот на работни места, со тоа што падот зависи од различната флексибилност на секој сектор. Сепак, ова прашање може да го разгледаме и малку поинаку и да замислиме ситуација во која работните места се двигател на економскиот раст, а трансмиските механизми се обратни. Вакво нешто може да се случи на пониско ниво, генерално на локално ниво.  МОТ веќе неколку години го промовира концептот на Локални партнерства за вработување (ЛПВ).

Пристапот е позајмен од територијалните партнерства за вработување кои земјите-членки на Европската Унија ги користеа за подигнување на економско-ранливите заедници кон крајот на 90-те години од минатиот век. Пристапот е заснован на соработка и договорно планирање на локално ниво за да се постигнат заеднички цели за вработување дефинирани од локалните засегнати страни. Заедницата ги идентификува своите предизвици во вработувањето и добива поддршка од технички експерти (генерално од МОТ) при утврдување на соодветни локално-подготвени решенија. Изминативе години, во земјите од Западен Балкан и Источна Европа функционираат неколку ЛПВ, што доведе до позитивни резултати во малите заедници во регионот во однос на креирањето на работни места и преминот кон формалност.  Неодамна, се потпиша првиот ЛПВ во Северна Македонија, во Битола.

Фото: Б. Грданоски

Невработеноста во земјава, според досегашните податоци на Агенцијата за вработување, не забележа драстичен пораст. Дали тоа се должи на добро дизајнирани мерки, или поголем бран отпуштања и поголема невработеност може да се очекува во втората половина од годината?

Има повеќе причини за овој маргинален пораст. Затоа е важно да се разбере што стои зад индикаторите за пазарот на трудот и што точно мериме. Во извештајот се истакнува дека, од почетокот на кризата, владите и социјалните партнери во земји со силни институции на пазарот на трудот имаат три главни начини за заштита на работните места и приходите на работниците. Првата стапка на интервенција се шемите за задржување на работните места чија цел е зачувување на вработеноста додека претпријатијата минуваат низ кризата. Исто така, се користат шеми за привремена поддршка на приходите за работници кои не се квалификуваат за мерките за задржување на вработеноста (самовработените и сезонските работници, работници со нетипични форми на работа).

Втора стапка на интервенција е проширување на поддршката на работници кои ќе ги загубат своите работни места поради економското забавување, со привремено релаксирање на критериумите за квалификуваност за надоместоци во случај на невработеност и надоместоци за барателите на работа. Трета стапка на интервенција е проширување на алатките за социјална заштита (социјална помош, минимален гарантиран приход) за лица и домаќинства кои не се квалификуваат за мерките за задржување на работните места и заштита во случај на невработеност. Во согласност со некои од насоките споменати погоре, Владата на Северна Македонија донесе низа привремени мерки за спречување и ублажување на негативните економски и социјални последици од оваа криза.

Фокусот е ставен на задржување на вработеноста со што се одржува постојниот работен однос и се поддржуваат претпријатијата да ја задржат работната сила, наместо да ги отпуштаат работниците. Резултатите од анкетата за претпријатија спроведена од организациите на работодавачи на Северна Македонија го потврдија овој тренд (помалку од 10%  отпуштен персонал за време на безбедносните мерки на изолација и ограничено движење).

Овој фактор, во комбинација со ограничениот опфат на надоместоците во случај на невработеност и иницијалното неделување на домаќинствата во првите недели од кризата, влијаеше на приливот во регистарот на Агенцијата за вработување и бројот на барања за паричен надоместок. Во следните фази од кризата (реактивација и закрепнување), во Северна Македонија можно е да се забележи пораст на невработеноста, особено регистрираната невработеност, како и пораст на недоволна работна ангажираност, несигурна работа и обесхрабрување. Овие индикатори ќе имаат значајна улога во насочување на одлуките за политики во втората половина од оваа година, како и во 2021 година.