Двеста учесници на второто издание на „Голак Треилс“ во Делчево
Околу 200 учесници и 80 волонтери се дел од второто издание на планинската трка „Голак Треилс“, која денеска ќе се одржи на планината Голак и во Делчево. Организаторите велат дека зголемениот интерес од учесници од земјава и соседните држави е потврда дека настанот прераснува во традиција.
Учесниците ќе можат да изберат меѓу две трки – „Голак Треилс“ на 13 километри и „Калчовица“ на 33 километри. Предвидена е и детска трка во градскиот парк, со која организаторите сакаат кај најмладите да ја поттикнат љубовта кон спортот и здравиот начин на живот.
Првата трка ќе стартува во 8 часот, додека втората во 9 часот. Организаторите ги повикаа граѓаните на Делчево и посетителите од регионот да бидат дел од настанот и да ги поддржат натпреварувачите.
По завршувањето на трките, предвидена е и забавна програма. По 13 часот настап ќе има рок-бендот „The HаoS“, а во текот на целиот настан атмосферата ќе биде дополнета со диџеј-програма.
Во градскиот парк во Делчево синоќа се делеа стартните пакети за учесниците, а организаторите изразија благодарност до локалната заедница, бизнис-секторот, институциите, спонзорите и волонтерите за поддршката во организацијата.
– Лани кога ги делевме стартните пакети кажавме дека голема желба ни е од овој настан да направиме традиција. Еве, сега сме втора година и имаме огромна поддршка, пред сè од нашите Делчевчани. Кога си поддржан од дома, сè е многу полесно, истакна еден од организаторите Никола Тренчевски.

Тој посочи дека годинава има 200 учесници и 80 волонтери, што, според него, покажува дека организацијата расте и напредува.
– Со тоа чувствуваме уште поголема одговорност да го претставиме нашето гратче на достоинствен начин. Имаме натпреварувачи од цела држава, но и од соседните држави, што за нас е голема сатисфакција и мотив да работиме уште повеќе и организацијата да ја подигнеме на уште повисоко ниво – додаде Тренчевски.
Организаторите очекуваат второто издание на „Голак Треилс“ да биде уште еден успешен пример дека Делчево има потенцијал за организирање големи спортски и рекреативни настани и дека планината Голак може да биде привлечна дестинација за љубителите на планинското трчање и активниот туризам.