Две третини од учениците во средните училишта во Скопје биле жртви на булинг
Според Институтот за човекови прва, речиси две третини од учениците во средните училишта сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште, а околу една третина биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година. Најголем дел од искуствата со булинг се состоеле од навреди и исмевање, но не е мала и бројката на оние кои потврдиле дека биле жртва на физичко малтретирање (21%). Сексуалното вознемирување е споделено како искуство на учениците во мал број, сепак 100% од оние кои одговориле дека биле жртви на вакво насилство, биле девојчиња.
Две третини од учениците во средните училишта во Скопје потврдуваат дека постои булинг помеѓу учениците во нивното училиште, покажало Истражувањето спроведено од Институтот за човекови права.
Физичкиот булинг, се посочува во истражувањето, е помалку раширен од вербалниот и невербалниот булинг, а ставот на учениците е дека најраспространет е булингот на социјалните мрежи. Во однос на причините за булинг, учениците навеле дека неможноста на жртвата да се спротивстави (без разлика дали тоа е вербално и физичко спротивставување) е една од главните причини за булинг.
„Учениците се согласни дека немоќта на жртвата да се заштити е една од главните причини за врсничко насилство и ова целосно се совпаѓа со теоретската позадина на односите на моќ во општеството, односно, врсничкото насилство, слично како и секое друго насилство, е многу повеќе однесување за покажување моќ, отколку за добивање некој друг резултат од истото“, се посочува во истражувањето.
Неодмна УНИЦЕФ ги објави резултатите од анкетата на U-Report за безбедноста на интернет, спроведена во 2023 година, според која една третина од децата и младите луѓе во Македонија доживеале булгинг преку интерннет. Од вкупно 400 испитаници 18 отсто сметаат дека основна причина зошто опстојува онлајн-насилството е недостиг од информации и знаење, а 41 отсто веруваат дека инсититуциите не го сфаќаат сериозно проблемот.
Според последните податоци (ДЗС, 2023) практично сите (100 отсто) млади на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет и речиси сите (97 отсто) го користат секојдневно по неколкупати, се вели во извештајот на УНИЦЕФ.
Долгото време што децата го поминуваат на виртуелните платформи може да ги направи поранливи на сајбер-малтретирање и други форми на насилство од врсници, говор на омраза и изложеност на штетни содржини – во кои спаѓаат и пораки со кои се поттикнува самоповредување, па дури и самоубиство.
Комитетот за правата на детето, во својот најнов извештај од 2022 година ги поздравува мерките што ги презема земјата за справување со насилството врз децата, вклучително и законодавните реформи, усвојувањето на Националниот план за акција и ратификација на дополнителни меѓународни конвенции, но и ги повика институциите да преземат насочени активности како одговор на сексуалната злоупотреба и експлоатацијата на децата преку интернет.
Комитетот укажува на потребата од распределба на доволно човечки, технички и финансиски ресурси за спроведување на Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020–2025) и воспоставување систем за задолжително известување, истрага во која ќе се вклучат повеќе институции и која ќе биде сензитивна кон децата во сите случаи на насилство врз деца – вклучително и во дигиталната средина.
Целиот текст прочитајте го на трн.мк