Две повозрасни жени измамени за повеќе од 5.000 евра – да платат за ќерките да избегнат затвор

Две жени, на возраст од 74 и 83 години од Скопје дале по повеќе од 5.000 евра за нивните ќерки да не одат затвор, откако наводно прегазиле деца мигранти.
Во понеделникот, во 13 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 307.500 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Истиот ден, во 17.30 часот во СВР Скопје, 83-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 457.320 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и се претставило како поранешен полициски службеник, по што ѝ кажало дека нејзината ќерка била тешко повредена во сообраќајна несреќа која претходно ја предизвикала и во која прегазила дете мигрант, а доколку не сака таа да оди во затвор треба да даде пари. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.