Две големи американски компании ги напуштаат зоните во Скопје


Економската зона во Бунарџик ќе остане без две големи фабрики, капацитетите американските компании „Аптив“ и „Дура“.  Како што јави ТВ „Телма“ од „Аптив“потврдиле дека се очекува да ја затворат својата фабрика најдоцна до крајот на следната година, додека од „Дура“ известиле дека го запираат производството заради откажување на нарачките од страна главниот купувач.

Како што извести „Телма“, од август до сега бројот на работници во „Аптив“ бил  намален за една третина, додека од ТИРЗ соопптиле дека се преговара со други мултинационални компании за преземање или пак за продавање на нивниот бизнис во зоната во Скопје. 

Од „Аптив“ известиле дека ќе го консолидираат производството на своите компоненти за напредна безбедност и корисничко искуство во Европа што ќе резултира со затворање на нашата локација во Скопје.

„Имаме сеопфатен план за поддршка на нашите вработени во Скопје во текот на оваа транзиција усогласена со локалните закони и прописи за труд. Се очекува имплементацијата да биде завршена до четвртиот квартал 2026 година“, соопштиле за „Телма“ од „Аптив“.

Од „Дура“, пак, соопштиле дека го запираат производството заради откажување на нарачките од страна главниот купувач.

Според ТИРЗ, засега нема знаци дека од пазарот би се повлекле и други странски компании, како и дека се во преговори со осум нови потенцијални инвеститори.