Двата стратешки партнери во клинч, Македонија молчи, но до кога ќе може


 

Постојаното изјавување и гордеење дека Македонија има два големи стратешки партнери – САД и Велика Британија, во еден близок момент може да биде поставено за изјаснување: чија политика да се поддржи.

Малите земји од Европа како Македонија генерално молчат во оваа огромна бура околу Гренланд и најавите на Доналд Трамп дека сака да го присвои за САД преку воена окупација или со купување. И тоа е логично, иако нарушувањето на меѓународниот правен поредок што го прави Трамп е на најголема штета токму на малите земји, особено оние кои не се членки на ЕУ.

Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, прашан за големиот притисок на Трамп да ја присвои оваа автономна територија на Данска, изјави дека очекува да се изнајде некое „рационално решение“. Прашање е на што точно мислеше Муцунски кога вели „рационално решение“? Трамп да го добие како аквизиција Гренланд и да одземе територија од Кралството Данска. Или Данска, заедно со Гренланд и ЕУ, да ја победи моќната сила. Третото можно решение – зголемување на американското воено присуство на Гренланд, исто така, е победа за Данска.

Наметнувањето тарифи од 10 отсто за осум земји од Европа кои од страна на Трамп е уште една ситуација која ги става малите земји во небрано. Особено земја како Македонија, која лани потпиша договор за стратешко партнерство и со Велика Британија.

Британскиот премиер Кир Стармер во саботата вречерта изјави дека одлуката на Доналд Трамп да воведе 10 отсто царини за Велика Британија и седум други европски земји поради Гренланд е „целосно погрешна“. Тој потврди дека САД не може да го присвојуваат Гренланд.

Ова е целата изјава на Стармер:

„Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање за Гренландците и Данците.

Исто така, јасно ставивме до знаење дека безбедноста на Арктикот е важна за целото НАТО и сојузниците треба да сторат повеќе заедно за да се справат со заканата од Русија низ различни делови од Арктикот.

Применувањето царини на сојузниците за остварување на колективната безбедност на сојузниците на НАТО е сосема погрешно. Секако, ќе го продолжиме ова директно со американската администрација“.

Зад ставот на премиерот Стармер застана целата опозиција – конзервативците, либералните демократи, па дури и пријателот на Трамп, контроверзниот Најџел Фараж. Сите го осудија „малтретирањето“ на Трамп на големиот сојузник со нови царини.

Овој судир меѓу сојузниците веќе ги поминува границите на „расправа во рамките на НАТО“, како што лаконски се обиде да го објасни обидот на Трамп да го преземе Гренланд, премиерот Христијан Мицкоски. Во еден момент можеби ќе биде поставено прашањето за изјаснување: Европа или Америка. И за тој момент македонската дипломатија и генерално власт, треба да се подготвува и да размислува што ќе прави за иднината.