Двајца повредени при гаснењето на пожарот на Пелистер
Пожарот на Пелистер е локализиран но опасноста од негово ширење и натаму постои. Ноќеска при гаснење на огнот повредени се две лица припадници на единиците кои учестуваа во акцијата на Пелистер.
Според директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, здравствената состојба на повредените е стабилна.
„После пеколната ноќ на терен во која дејствуваа екипите на НП Пелистер, ППТЕ Битола, ДПД Архангел и механизацијата на Јавните претпријатија од Битола пожарот е целосно локализиран. Опасноста за негово понатамошно активирање и ширење и понатаму е голема и во голема мера зависи од временските услови. Во текот на ноќта повредени се двајца припадници на единиците кои дејствуваа на терен и нивната здравствена состојба е стабилна. Единиците продолжуваат да дејствуваат на терен со поддршка на армиски хелихоптер. Подоцна се очекува да пристигнат ДПД Кочани и двата ЕР трактори“, изјави директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски објави дека од Битола биле испратени екипи на територијалната противпожарна единица, екипи од јавните претпријатија со својата механизација и приватни фирми со тешка механизација од Битола да помогнат во справувањето со огнената стихија.
„Утрово состојбата со пожарот кој го зафати Националниот парк „Пелистер“ е стабилна, тој е локализиран, но опасноста од негово ширење и натаму е голема, Претпладнево ќе се интервенира со хеликоптер, како и со два ертрактори, а таму се и нашите екипи. Уште еднаш апелирам за одговорно однесување во шумите за да не се случи поголема катастрофа“, објави Коњановски.

Пожарот избувна вчера околу 15 часот од овоштарници во атарот на ресенското село макази, се гасеше од земја и со Ер тракторите на ДЗС. Пред полноќ пожарот беше ставен под контрола, а екипите што гаснеа од земја беа присустни цела ноќ на терен. (А.Б.)