Два „ер трактори“ ќе го гасат пожарот кај Милетино
Два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се упатени кон тетовското село Милетино каде има голем пожар во близина на селото и постои опасност огнот да се приближи до населеното место. Тетовските пожарникари се на терен, но гаснењето во шумата е отежнато поради непристапниот и ризичен терен, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
-Пред малку дадов наредба на ер тракторите да полетаат кон Милетино, Општина Брвеница, каде што има голем пожар во близина на селото, кој се заканува на селото- вели Ангелов во видео порака.
Тој посочи дека двата авиони се ангажирани за да помогнат во создавање услови за пожарникарите да можат да навлезат во шумата и да дејствуваат на пожарот.
Ангелов информираше дека мирисот на чад што го чувствуваат граѓаните на делови од Скопје е од пожарот во месноста Рамно на Скопска Црна Гора кој веќе два дена се обидуваат да го стават под контрола. Како што рече, силниот ветер дополнително ја отежнува ситуацијата.
Нагласи дека во гаснењето учествува полициски хеликоптер, скопските пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со возила „пинцгауер“, како и околу 30 припадници на Армијата.
-Нивната задача е да спречат ширење на огнот и негово преминување преку патот. Теренот е исклучително стрмен и се наоѓа на над 1.600 метри надморска височина, а длабокиот дол и густиот чад го прават директното гаснење премногу ризично. Премногу е ризично. Има премногу чад што не дозволува луѓе да работат таму. Може некој да се задуши, да настрада и моето основно начело е безбедноста на граѓаните, но и на пожарникарите секогаш се на прво место- истакна Ангелов.
Порача дека очекува во текот на вечерта да биде намален пожарот на кракот што се движи кон Скопје и додаде дека во текот на ноќта внимателно ќе продолжи гаснењето на деловите што се движат кон долот.