Дурмиши: Десетпати повисоки казни за трговците ако продолжат да не го почитуваат законот


Вредноста на казните предвидени со Законот за забрана на нефер трговските практики ќе се зголеми десеткратно ако трговците продлжат да се однесуваат вака и не го почитуваат законот, врз основа на што Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) досега им изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и се чекаат одлуки од судот за овие трговци – посочи денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во одговор на прашање од пратеникот од СДСМ, Димитар Ковачевски. 

Пратеникот Ковачевски праша кои конкретни мерки со утврден рок ќе ги преземе Владата за да обезбеди доследна примена на Законот за забрана на нефер трговските практики и да спречи неоправдани и драстични ценовни разлики на идентични производи на пазарот и зголемување на цените во малопродажбата и дали КЗК е екипирана со соодветни кадри за идентификување на трговските практики што ги прават големите синџири супермаркети. 

– Две години по стапувањето во сила, на терен се забележуваат сериозни отстапувања, а според податоците на Државниот завод за статистика, цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци на цените во делот на храна и безалкохолни пијалаци во одредени месеци надминуваше 10 проценти на годишно ниво. Ова се гледа и од зголемувањето на висината на потрошувачката кошничка, која надмина 1.000 евра месечно од семејство, без разлика дали во неа се содржи кирија или во согласност со расправата што се води на Економско-социјалниот совет таа нема да се содржи. Истовремено, домашните производители укажуваат на притисоци врз откупните цени и дополнителни трошоци – рече Ковачевски. 

Министерот Дурмиши посочи дека Законот за нефер трговските практики е во сила од јануари 2025 година и оти веќе се гледа, но и во наредните месеци ќе се следи како се спроведува од страна на трговците.  Со законот, потенцира, опфатени се над 2.000 производи за кои трговците треба да ги почитуваат правилата. – Комисијата за заштита на конкуренцијата им изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и зголемување на цените, со што влијаеја и на другите трговци да ги зголемат цените заедно со една стопанска комора. Сега постапката е во суд и се очекува да се донесат одлуки за овие трговци. Јас истакнав и пред неколку дена, а и претходно, дека доколку трговците продолжат да дејствуваат на овој начин и нема да го почитуваат законот, ќе има измени на законот, каде што вредноста на казната ќе се зголеми десетпати – посочи Дурмиши. 

Тој истакна дека во јануари, според податоците од Државнот завод за статистика, има намалување на инфлацијата од 0,7 проценти и стабилизација на цените. – И во наредните месеци ќе следиме и доколку има потреба од интервенција и измени, ќе ги предложиме во Собранието – најави Дурмиши и дополни дека бројот на членови на КЗК  е зголемен од три на седум со цел Комисијата да биде функционална како во Европската Унија. 

Дурмиши оцени и дека „потрошувачката кошничка што секојдневно се промовира од синдикатите не е минимална, туку елитистичка кошничка бидејќи се опфатени многу производи што ги користат семејствата“.  – И тие што ја имаат изготвено методологијата велат дека не е минимална кошничка, туку се прави за секојдневни политички разговори и јавноста да не биде правилно информирана колку трошоци има за еден месец – рече Дурмиши. 

По седницата на Економско-социјалниот совет, што се одржа завчера, Дурмиши соопшти дека просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13 проценти поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите на Македонија. Доколку биде прифатена, се очекува да биде во примена од крајот на месецот. Со неа се опфатени 101 производ и, според Дурмиши, таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.