Дури 548 од 655 од активните инфекции се во четири градови


Фото: Б. Грданоски

Продолжениот прв бран од епидемијата на корона вирусот донесе драматично концентрирање на новите инфекции во само одредени региони во Македонија. Во четири градови – Скопје, Штип, Тетово и Куманово – се дури 83,6 отсто од вкупниот број активни случаи. Бројот на активните случаи во земјава денеска е 655, а од нив во четирите градови се 548.

Од нив најмногу се во Скопје – 338, па во Тетово 86, Штип 69 и Куманово 55. Вкупниот број на заболени (во кои влегуваат и оздравени и починати) во овие четири градови е 1.732 од 2.391. И процентот на овие бројки е голем – 72,4. Тоа значи дека здравствените власти требало повеќе активности да вклучат во запирањето на ширењето на овие жаришта преку познати или сомнителни кластери, а во тоа главна помош требаше да имаат од полициските служби кои ќе помогнат во придржувањето на мерките, како што се социјалното дистанцирање, носењето маски и забраната за собирање во групи.

Најголемиот процент на сегашни активни случаи од бројот на вкупните инфицирани има во Штип – дури 66 отсто (64 активни и 104 заболени). Жариштето од автобусите за превоз на текстилните работнички драматично ја крена бројката на инфицираните. Другите проценти се помали: во Скопје е 36,4, во Куманово 11,7, во Прилеп – кој беше едно од првите поголеми жаришта – е 14,2, во Велес 21,9, во Тетово 37,2…

Во 11 градови сега воопшто нема заболени (меѓу нив е и првото големо жариште – Дебар), од 1 до 10 заболени има во 12 градови, од 11 до 20 заболени има само во еден град, а од 21 до 30 активни пациенти има само во два града.

Овие бројки покажуваат дека драматичниот скок на новоинфицираните е регионализиран, со тоа што Скопје (особено неколку општини во него) сега е главното жариште на инфекцијата. Главниот град е мегалополис за македонски услови и претставува огромна задача за здравствените и другите власти инфекцијата да се стави под контрола. (Н.В.)