Дури 50.000 семејства живеат од собирање бобинки и лековити растенија


По повод Светскиот ден на животната средина денеска се одржа „Национална работилница за одржливо користење на недрвни шумски производи (НДШП)” во рамки на STAR 5 проектот „Постигнување на зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и вклучување на биодиверзитетот во планирањето за управување со земјиштето, од Компонента 3: Планирање на користење на земјиштето и вклучување на биолошката разновидност во главните текови“.

Проектот е финансиран од ГЕФ и е спроведуван од Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), Министерството за животна средина и просторно планирање и локалниот партнер ЦНВП Македонија.

Искра Стојанова од УНЕП-Македонија нагласи дека цел на средбата е експертите од различните државни институции кои работат на истото поле да најдат задничко решение како погрижливо да се однесуваме со лековити растенија, габи и диви бобинки, кои можат да се собираат од природата.

Проектниот координатор на Програмата на ОН за животна средина во Скопје Анела Ставревска-Панајотова рече дека животната средина како еден важен сегмент досега не добил соодветно внимание од јавноста и преку оваа работилница сакат да ја промовираат потребата од заедничка акција за одржливо користење на недрвните шумски производи (НДШП).

– Тешко можеш да убедиш некого дека природата е многу богата и добро зачувана, бидејќи во многу нешта сме назад. Но, ако се споредиме со развиените западноевропски земји, Северна Македонија има богат биодиверзитет поради поволната клима и положба, но и добро зачувана дива природа. Има повеќе од 700 видови лековити и ароматични растенија (ЛАР) од кои најчесто се користат околу 220 растителни видови. Околу 75-80 отсто од лековитите растенија и бобинки во земјава, како и во повеќето балкански земји, се собираат од дивината. Дел од ова природно богатство е од голема важност за локалната економија. Повеќе од 50.000 семејства, или 200.000 луѓе имаат дополнителен приход од собирање. Една четвртина од локалното население може да живее од НДШП, ако тие се обработени во близина на местото од кое се собрани. Сепак, овие ресрси не растат во неограничени количини и потребна е заедничка акција од сите инволвирани институции во нивната одржлива употреба, истакна Ставревска-Панајотова.

Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање честитајќи го Денот за животна средина – 5 Јуни, рече дека живееме во држава која е многу богата со различни видови специи и апелира тоа да се зачува.