ДУИ: Тошковски да поднесе оставка, обвинува без докази
За Демократската унија за интеграција (ДУИ), иронично и неприфатливо е што министерот Панче Тошковски без професионализам и кредибилитет, обвинува без основа и се обидува да го пренасочи вниманието од неговите неуспеси. Оваа реакција на ДУИ доаѓа по изјава на Тошковски дека МВР има оперативни информации дека зад настаните во Скопје на прославата на Денот на албанското знаме и во Куманово, кога беа запалени автомобили и фотокопирница, стојат високи структури на ДУИ.
„Ова е истиот министер кој еден ден пред да биде уапсено лице со ментална попреченост како автор на палењето на автомобилите во Куманово, јавно изјави дека има ‘оперативни податоци’ за високоорганизирана и софистицирана група што стои зад нападот. Како може да му се верува на министер кој докажа неспособност да се справи со едноставни ситуации и кој постојано шири невистинити информации? Сега, истиот министер се осмелува да дава неодговорни изјави со вклучување на поранешен градоначалник од ДУИ во организацијата на инцидентите на Денот на знамето, без никакви конкретни докази“,се вели во реакцијата на ДУИ.
Од ДУИ сметаат дека Тошковски покажува целосен неуспех да ја заштити безбедноста на граѓаните и да го зачува јавниот ред и бараат негова оставка веднаш.
ДУИ неодамна до Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на Тошковски, но зад неа не застанаа ниту опозициските партии.
„ На ДУИ освен закани не им остана ништо друго да прават. Тие и СДСМ делуваат отсутно, дезориентирано и невротично. Пробуваа со етнички тензии, но не им помина. Велеа ќе имаат протести, ништо ниту од тоа. Сега почнуваат да се закануваат. Само исплашен човек се заканува. ДУИ да научи да биде конструктивна опозиција, возврати пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во стилот да ја инволвира за се најголемата опозициска партија СДСМ, дури и тогаш кога самата ВМРО-ДПМНЕ или нејзината влада направат скандал или дестабилизација.