ДУИ: Периметар дипломатијата доживеа дебакл во Давос


 

Демократската унија за интеграција оценува дека поради погрешните потези Македонија е во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.

„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.

Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Совет за мир“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата.

Последиците од оваа изолација веќе се чувствуваат. Европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија. Продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата“, велат од ДУИ.