ДУИ излегува на улица, ќе држи состаноци до народот
Централното претседателство на ДУИ одржа седница на која оцени дека одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија на евроинтегративниот пат претставува лоша вест за земјата и за сите граѓани.
– ДУИ ги поддржува уставните измени согласно преговарачката рамка со ЕУ и ја повикува Владата без етнички легитимитет да покрене соодветна процедура за усвојување на измените во Собранието, во кој случај ДУИ ќе гласа за усвојување на истите час порано. Европската перспектива за ДУИ останува неоспорен приоритет и оваа позиција ја манифестиравме преку колективните оставки на министри во последниот мандат за обезбедување на потребниот политички консензус,со што докажавме дека за нас е поважна европската перспектива, стои во соопштението од ДУИ.
Парѕијата исто така ги повикува сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот за ветинг и за целосни истраги за сите политички партии без исклучок, во изминатите 33 години, вклучувајќи ја и проверката на потеклото на имотот за сите носители на јавни функции. ДУИ исто така ја нагласува потребата од целосна истрага на процесот на приватизација и транзиција заедно со олигархијата создадена од тој процес.
– Изразуваме загриженост дека меѓуетничките односи се нарушени од владините политики без етнички легитимитет. Апелираме до блиските пријатели на нашата земја, до потписниците на Охридскиот договор – САД и ЕУ, за уште поголема посветеност во овој момент за доследно почитување на Охридскиот договор од страна на институциите создадени по последните парламентарни избори, стои во соопштението.
ДУИ смета исто така дека одлуката на Уставниот суд за укинување на декларацијата за етничка припадност е неуставна одлука и против Охридскиот договор, демантирајќи ги „сите клевети на Владата без етнички легитимитет за наводна вмешаност на ДУИ во минатото во усвојување на акти каде се елиминира изразувањето на етничката припадност“.
-Одлуката на Уставниот суд ги подели судиите по етничка линија при одлучувањето, враќајќи нè на етничка мајоризација од минатото. Уставот во минатото беше генератор на криза, затоа апелираме до македонските политички партии и меѓународниот фактор да не ги прекршуваат елементите на Охридскиот договор во Уставот на државата. Сметаме дека легитимитетот е национална обврска на сите избрани претставници, поради што уште еднаш упатуваме јавна покана до Вреди да се откаже од владата каде се понижуваат Албанците. ДУИ и Европскиот фронт не се заинтересирани да учествуваат на таков формат на власта, напротив, потребно е единство за да се запре понижувањето што им се прави на Албанците и на другите заедници, стои во соопштението од ДУИ.
Централното претседателство на ДУИ ја прифати исто така иницијативата на своите ограноци за одржување на состаноци на ограноците со отворен карактер, со присуство на народ, со присуство на граѓани, на кои ќе учествува и највисокото раководство на ДУИ. Средбите со ограноците со народот почнуваат од среда, каде што првата средба ќе се одржи во Липково во 19 часот, а потоа продолжуваат со втората средба што ќе се одржи во Сарај.