ДУИ одбележа 17 години од основањето


ДУИ никогаш не водела двојна политика. Секогаш сме биле транспарентни како во партијата, така и пред политичките противници или партнерите, во моменти кога требаше земјата да ја ориентираме во не толку лесни ситуации, нагласи лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во говорот по повод одбележувањето на 17 годишнината од основањето на партијата.

– Да кажеше некој пред 17 години дека нема да претрпиме ниту еден пораз, немаше да веруваме. Ние денеска на 17 годишнината сме горди за успехот и нашите постигнувања. Тоа го направивме  заедно, затоа што осамен никој не може да победи. Успеавме да се мобилизираме и да се организираме, да изградаме одржливи и прифатливи политики за граѓаните. Ги унапредивме правата на Албанците кои беа граѓани од втор ред. Остваривме успех и со правичната застапеност во сите области.  Остваривме  успеси на локално, национално, регионално и меѓународно ниво. Успеавме затоа што нашата заложба беше добронамерна, нашата посветеност беше да правиме работи базирани на волјата на мнозинството граѓани, а особено на Албанците, рече Ахмети.

Тој истакна дека  раководството на ДУИ е отворено и подготвено да одговара за сите свои активности.

– Ние ќе одговараме, но сигурни сме дека сме победници, дека сме на вистинскиот пат, дека тоа што го велиме и го остваруваме. Тоа го кажува и самиот народ со неговиот глас  17 години по ред. Ние ја изградивме новата историја на оваа земја. Ова нè направи непобедливи во секое соочување што го имавме во изминатите 17 години. Не беа  малку противниците, не се малку и тие што клеветеа и клеветат и ден денес, бидејќи единствениот начин да се омаловажи ДУИ е преку лажни вести и изложување на невистини, рече Ахмети.

Тој нагласи дека целта на противниците е да се омаловажи ДУИ, но напротив, рече, тоа ги зацввстува уште повеќе редовите на ДУИ и ги прави посилни членовите на партијата.

– Ние никогаш не сме навредиле, туку  се натпреваруваме со идеи, визии, програми. Во недостиг на визии и програми, другите се занимаваат со пцуења, навреди, што не е вистински пат за да создадеш, да се етаблираш како политичка партија. Јас нема да бидам нивен советник, но патот што го избрале е мошне погрешен и не ги води кон победи, нагласи Ахмети.

Лидерот на ДУИ истакна дека земјата наскоро ќе стане членка на НАТО и треба да ги  почне преговорите со ЕУ.

– Многу скоро ќе добиеме датум и за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тоа е волја на мнозинството граѓани на нашата земја и јас сум сигурен дека за неколку месеци и овој важен момент ќе се случи. Направивме важни исчекори кои во иднина ќе произведуваат стабилност, мир и безбедност не само за нашата земја, туку и за целиот регион, како што се: Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, гласањето за Законот за употреба на јазиците, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети .